Со пресметката на МЗТ Скопје и Работнички во Суперкупот започнува новата сезона во мак баскетот

Вечните ривали ј аотвораат новата сезона/фото: КФСМ

Со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-Работнички кој се игра вечерва 19.30 часот во СРЦ „Кале“ во машка конкуренција како и со дуелот Баскет КАМ и Бадел 1862 (17 часот) во женска конкуренција, и официјално ќе стартува новата сезона во македонската кошарка.

Честа да ја отворат новата сезона ја имаат вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички и тоа во Суперкупот кој го носи името „Драган Василов Цевка“.

„Металците“ кои минатата сезона ја освоија двојната круна, во вечерашниот натпревар ќе влезат ослабени поради повредите на неколку кошаркари, но и покрај тоа желбата е трофејот да се однесе во Аеродром.
– Ќе биде убаво доколку сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија. Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките и до последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент- вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ.

Од друга страна Работнички во овој натпревар и во новата сезона влегува со реновиран тим и со нов тренер во Тони Симиќ.

– Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен „ребилдинг“ на сите нивоа. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед – смета Симиќ.

Денеска исто така се игра и Суперкупот во женска конкуренција во кој се среќаат двете најдобри екипи од минатата сезона, Баскет КАМ и Бадел 1862.
Од 17.часот, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, двата фаворити за највисок пласман и во оваа сезона која доаѓа, но и учесници на ВАБА лигата, ќе се борат за првиот трофеј.

Освојувачот на двојната круна Баскет КАМ во новата сезона ќе биде без Анџелика Митрашиновиќ, Ивана Кметовска, како и странците Гобељиќ и Брајковиќ, а на нивно место се ангажирани Адиџат Адам, Снежана Алексиќ, Кристина Балтиќ.

– Играме против добар тим, кој исто така ќе игра и во ВАБА лигата. Имаме млади кошаркарки од кои очекуваме прогрес, потпомогнати со оние играчи кои доаѓаат од страна. Ние треба да им го овозможиме тоа, и да бараме максимална ангажираност од сите, на секој натпревар- вели тренерот на Баскет Кам, Александар Алексиев.

Не менувавме многу во паузата меѓу двете сезони, сега ги имаме Кметовска и Кетлин кои ќе ги покриваат центарските позици во екипата која оваа година ќе игра  во ВАБА лигата. Оттука, ова е убава можност за проверка и наша и на противникот, кој за разлика од нас, направи доста промени во ростерот. Особено пред оние први мечеви од Јадранската лига кои следуваат веќе од наредната седмица- вели Перо Стамески, тренерот на Бадел 1862.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот