Со наградата „Денес“ младите уметници добиваат поддршка за уметничка практика што подразбира критичко и естетско дејствување
Организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ ги објави добитниците на наградата „Денес“ и уметниците Крсто Глигорјадис, Мила Добревска и Наташа Неделкова добиваат можност да стекнат уникатно искуство во 2026 година.
Препорачано
Добитник на наградата „Денес“ во 2025 година е Крсто Глигорјадис, кој добива двомесечен престој во „Резиденси анлимитед“ (Residency Unlimited) во Њујорк во 2026 година, Мила Добревска добива едномесечен престој во галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит во 2026 година и самостојна изложба во просторот, а Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба во земјава во 2026 година.
Организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк, по деветнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата „Денес“ за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)ца во Северна Македонија до 35 години.
За наградите одлучуваше стручна комисија во состав: Хитоми Ивасаки, неодамнешна директорка на Одделот за изложби и главна кураторка во музејот „Квинс“, Њујорк, а сегашна главна кураторка и директорка на работи од културата на Фондацијата „Исаму Ногучи“, Њујорк; Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата „acb“ во Будимпешта, со-основачка на „Easttopics“, платформа, центар и изложбен простор посветен на современата уметност од Централно-источна Европа; Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник од Северна Македонија кој живее и студира во Хаг, Холандија, добитник на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник (2023) во Северна Македонија.
Истражувањето на машкоста, траумата и ритуалот на Крсто Глигорјадис покренува итни прашања за тоа како телото може да се спротивстави на репродукцијата на самите структури што се стреми да ги разруши. Неговата кореографија на дезинтеграција нè поканува да размислиме како ослободувањето може да се појави без да паднеме во познатите стапици на политиката на идентитетот. Третирајќи го телото како екосистем на распаѓање и обнова, неговото дело прашува што значи да се компостираат штетните наративи, истакнува жирито за делото на добитникот на наградата „Денес 2025“ – Крсто Глигорјадис, кој доби двомесечен престој во Њујорк.

Мила Добревска доби престој и изложба во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, Хрватска. „Оддавајќи ѝ почит на нејзината љубов кон мозаикот – не наоѓаме премногу современи уметници кои се занимаваат со оваа техника – сметавме дека би било значајно за неа да го искуси наследството на римската архитектура која во голема мера го вклучува мозаикот. Се надеваме дека Мила ќе може да научи за поширокиот историски контекст и автентичноста на овој уникатен медиум за да ја прошири својата практика“, образложи жирито за наградата.

Концептуалната содржина и теоретската комплексност на мултимедијалната практика на Наташа Неделкова, која ги истражува темите за ментални нарушувања, лажни вести, исцрпеност од работна сила во време на капитализам, родова нееднаквост и начините за спротивставување на нив, се квалификува за самостојна изложба во Северна Македонија во 2026 година. Сепак, жирито силно го охрабрува усовршувањето на презентациски и комуникациски вештини, така што тие можат да го пренесат богатството на проектите и да ја одразат уметничката намера.

Наградата „Денес“ се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид во земјава. Оваа значајна и независна награда која постои 22 години во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк, вклучува и други можности и резиденции.
„Денес“, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационално жири и да продуцираат дело во рамките на изложба како финалисти на наградата.
Наградата „Денес“ е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година.
Намерата на наградата е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, во рамките на фестивалот „Акто“.
Досегашни добитници на наградата „Денес“ се: Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов / Клелија Живковиќ / Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна-посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 311, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.12.2025)


