Дина Јашари со другарите од бендот / Фотографија: Александра Костадиновска

Со мини турнеја во три града, Дина Јашари го носи албумот „Растенија без корен“ во Хрватска

Една од највпечатливите нови авторки на регионалната сцена, Дина Јашари, на крајот на март ќе одржи мини турнеја во Хрватска, каде што во Чаковец, Риека и Загреб ќе го претстави својот деби-албум „Растенија без корен“, издание кое веќе привлекува сериозно внимание кај публиката и медиумите.

Концертите ќе се одржат на 26 март во Чаковец (Клуб „Простор“), 27 март во Риека (Клуб „Немо“) и 28 март во Загреб (Клуб „Катран“). Според изборот на регионалниот музички портал „Рокомотива“ (Rockomotiva), „Растенија без корен“ се најде во топ 5 албуми за 2025 година, потврдувајќи го силниот одек што албумот го има кај критиката и публиката.

„Растенија без корен“ е албум составен од девет песни создадени во текот на последните три години и претставува интимен и искрен музички дневник на уметницата. Со звук кој природно се движи помеѓу поп, нео-соул и џез, албумот нуди органичен, жанровски разнолик и современ израз, што ја издвојува Дина како еден од најавтентичните нови гласови на сцената.

„Албумот го носи пулсот на последните три години од мојот живот – исполнети со раст, преиспитувања, тишина и бучава. Песните се снимани на различни локации и со различни луѓе, па затоа е шарен, жив и, пред сè, искрен“, вели Јашари.

Добитничка е на престижната награда „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“, а зад себе има настапи на значајни европски фестивали, како „Мент“ во Љубљана, „Егзит“ во Нови Сад и ЕСНС во Гронинген. Во 2025 година го отвори концертот на култната британска група „Масив атак“ (Massive Attack) во Скопје.

На сцената ќе настапи со својот бенд, носејќи атмосферичен и емотивен концерт, во кој нежниот вокал, сонливите хармонии и модерната продукција се спојуваат во силно музичко искуство – формат што сè поуверливо ја освојува публиката низ регионот и Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот