Со ковид-19 се заразиле 42 лица со прекумерна тежина, од нив дури 13 починале

смрт ковид, починати од ковид
Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Ковид-19 досега се покажа како прилично непредвидлива болест која за многу кратко време од само неколку дена може да предизвика фатален исход и кај некој што нема хронични здравствени проблеми. Од оние, пак, со хронични проблеми, во ризична група се речиси сите, а како посебен ризик за компликации и смрт од ковид-19 се посочува прекумерната телесна тежина, односно гојазноста.

Меѓународни истражувачки студии веќе потврдија дека прекумерната телесна тежина за 50 отсто ги зголемува шансите за фатален исход во случај на инфекција со ковид-19. Податоците кои ги има обработено Институтот за јавно здравје кај нас покажуваат дека од 42 пациенти позитивни на ковид-19 кои имаат и прекумерна телесна тежина дури 13 починале поради компликации од вирусот.

„Согласно податоците од епидемиолошките анкети стигнати до ИЈЗ, гојазност е регистрирана кај 42 лица кои се позитивни на новиот вирус. Од нив, 13 завршиле со смртен исход, 23 се оздравени, а кај 6 лица болеста е се уште во тек“, велат од Министерството за здравство.

Хрватскиот завод за јавно здравје објави податок дека луѓето со прекумерна телесна тежина имаат 46 отсто поголем ризик за позитивен наод по контакт со SarsCov-2 позитивен, а повеќе од 100 отсто поголем ризик за компликации.

Тим од Универзитетот во Северна Каролина разгледа 75 научни студии од целиот свет кои вклучуваат околу 400.000 пациенти и заклучи дека дебелината може да го зголеми ризикот од смрт на пациент од ковид-19 за скоро 50 отсто.

Светската здравствена организација проблемот со прекумерната тежина го смета за епидемија, а бројот на луѓе кои се наоѓаат во ваква ситуација од 1975 година до сега е зголемен за три пати.

Доктор Александар Митов за „Слободен печат“ ги објаснува причините заради кои луѓето со прекумерна телесна тежина повеќе страдаат од ковид-19.

– Кај овие луѓе постои намалена вентилација на белите дробови, бидејќи внатрешното масно ткиво ги притиска. Со тоа, ги стеснува дишните патишта Второ, притисната е и дијафрагмата, што исто така го отежнува дишењето. Белите дробови се нежен орган, затоа телото ги заштитил со ребрен кош. И трето, се смета дека има биолошка функција масното ткиво, што придонесува за појава на цитокинска бура. Ова се уште до крај не е научно разјаснето како точно се случува – објаснува Митов.

Тој порачува дека, покрај заштитните мерки кои се преземаат за намалување на ширењето на ковид-19, како што е дистанца и носење маска, паралелно треба да се работи и на подобрување на општата состојба на организмот за да може подобро да се справи со вирусот ако настане инфекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот