Со концерт на Добрила и Дориан Дуо завршува циклусот „Светско, а наше“ во „Јавна соба“

Плакат за концертот на Добрила и Дориан Дуо

Последната сабота од циклусот „Светско, а наше“ во „Јавна соба“ е на 6 април, а циклусот го заокружува лиричното Добрила и Дориан Дуо. Досега во рамките на фестивалот на музика на светот „Светско, а наше“, изведена од македонски бендови, се одржаа седум концерти од овој жанр.

Почнувајќи од февруари, секоја сабота вечер во „Јавна соба“ настапија бендовите „Калата“, Зарина Првасевда, „Фолтин“, „Чалгија саунд систем“, „Афро Гитано“, „Пијан Славеј“ и ВИС „Билјана“.

Со преполните вечери во интимната концертна сала на поткровјето на „Јавна соба“ Скопје доби освежување со еден нов мини-фестивал, кој дефинитивно заслужува внимание и верба дека ќе продолжи и во иднина.

Иако одамна се другари и соработници Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ во 2020 започнаа проект кој го заокружија со албумот „Апокриф“ („SJF Records“, 2021). Од една страна, Добрила пее македонски традиционални песни, истовремено играјќи си со тишината, но и импровизира со мелодија која ја носи кон шумови и тонови, а од друга, Дориан свири на ут – инструмент со 12 жици, познат низ целиот Медитеран.

Нивниот првенец претставува фузија меѓу знајното и незнајното, прифатеното и непознатото, тишината и звуците од околината и желбата за осознавање и препознавање. Oвој албум беше оценет како ремек-дело од жанрот „музика на светот“ со што дуото започна да се претставува низ големите концертни сцени во Европа.

Во март 2023 година, повторно под етикетата на „SJF Records“, се појави албумот под име „Пиле шарено“. Очигледно Добрила и Дориан Дуо го пронајдоа одговорот и формата затоа што „Пиле шарено“ веднаш по појавувањето доби феноменални оценки искачувајќи се на највисоките места и на регионалните и на светските топ-листи од „музиката на светот“.

„Пиле шарено“ е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот