Со кого имаат односи портпаролите?

Замислете, називот на работното место на портпаролите е „односи со јавност“. Ако ние новинарите сме јавноста, а тие од нас се кријат, тогаш прашањето е со кого овие лица имаат односи?

Сектор односи со јавност постои во секое јавно и приватно претпријатие. Функцијата им е иста, но извршувањата се разликуваат. Ако добивањето информација или стапувањето во контакт со портпаролите на приватните компании е секојдневна пракса, да добиеш информација или да исконтактираш со официјално лице задолжено за односи со јавност од јавниот сектор е вистинско чудо.

На веќе искусните и повозрасни новинари, пријателствата и познанствата им ја олеснуваат работата, но на удар се оние кои првпат зачекоруваат во оваа професија.

Недостапни се на телефон, за информација чекам по неколку дена, ме препраќаат од еден на друг локал ако вртам на фиксен, без можност да добијам број од мобилен телефон, се поплаките кои честопати ги слушам од „тазе“ новинарите. Но со вакви непријатности се соочуват и некои новинари со подолг стаж.

Мојот колега Војислав Мојсовски вчера ги искина живците додека бараше информација од Македонски пошти и кога се обиде да најде кој е одговорно лице за односи со јавноста во ова јавно претпријатие. Иако успеа да го дознае името на портпаролката, следуваше голготата со нејзиното добивање на телефон. Сврте на фиксниот телефон до кој дојде и почнаа да го шетаат од локал на локал, јавувајќи се на преку десет броеви. Кога конечно го доби вистинскиот локал, му беше речено дека одговорното лице во моментот е на пауза, да се јави за 10-тина минути. Откако тој повторно телефонираше, лицето од друга страна на слушалката му одговори дека портпаролката е на одмор и се уште не е вратена на работа. „Не знам кој ви кажал дека е на пауза?!“.

И, како што викаат, ако мечката игра во комшии, ќе дојде и кај тебе. Па така и јас доживеав слична непријатност денеска.

Имено, откако не успеав да го добијам директорот на ЈП Градски паркинг, се обидов преку фиксните телефони на веб страницата на претпријатието да го најдам одговорното лице за односи со јавност. По неуспешните вртења по разни локали и ѕвонење до недоглед, го побарав бројот од мобилниот телефон на портпаролот, но бев одбиена, како неговиот број да е државна тајна.

Замислете, називот на работното место на портпаролите е „односи со јавност“. Ако ние новинарите сме јавноста, а тие од нас се кријат, тогаш прашањето е со кого овие лица имаат односи?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот