Со гласовите на СДСМ, Левица и „Поинаку“ разрешени раководствата на битолските јавни претпријатија, советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата

Пред малку, по речиси десетчасовна расправа, денес првпат конституираното мнозинство во Советот на Општина Битола, кое го сочинуваат советниците од СДСМ, независната листа „Поинаку“ и Левица, со вкупно 18 гласа „за“ ги разреши управните и надзорните одбори на шест градски јавни претпријатија.
Пред гласањето, советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои имаа деловнички забелешки на ставањето на точката за разрешување на управните и надзорните одбори на дневен ред, ја напуштија седницата.
Разрешени се управните и надзорните одбори на јавните претпријатија: „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, индустриската зона „Жабени“, како и на Културно-информативниот центар во градот.
Единствено јавно претпријатие кое не се најде на дневен ред за разрешување на управниот и надзорниот одбор остана ЈП „Нискоградба“.
Како причина за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори беа наведени негативните резултати и загубите што ги прикажаа шесте битолски јавни претпријатија.
Напуштајќи ја седницата, советниците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека одлуката за разрешување на управните и надзорните одбори градоначалникот на Битола Тони Коњановски нема да ја потпише.