Со дијалог низ поезија заврши 35. „Поетска ноќ во Велестово“

Работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев

Со настанот „OH READ #2 (дијалог низ поезија)“, на 20 август во Охрид беше затворена 35. „Поетска ноќ во Велестово“. Во рамки на овој настан поетите учесници: Албан Туфа (Албанија), Павлина Атанасова (Македонија), Марија Костиќ (Србија) и Шпетим Селмани (Косово), најпрвo во гимназијата „Св. Климент Охридски“ одржаа работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, а подоцна се одржа и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид.

Годинашното 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ се одржa од 12 до 20 август на повеќе локации во Велестово, во Охрид и во Слоештица, а учествуваа 30-ина поети и уметници од девет земји и беше проследен од повеќе од шестотини гледачи.

Годинава во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан беше промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска.

Во своето обраќање поетесата Лидија Димковска истакна дека тоа е книга што ќе ја обележи историјата на македонската книжевност, а големата значајност на настанот и на издавањето на оваа книга го истакна и поетсата Весна Ацевска. Во рамки на фестивалот беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.

Во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се одржа промоција и на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.

На овие настани им претходеше и откривањето на скулптурата „Раката на поетот“ од Никола Пијанманов, поставена на сретсело во Велестово, интернационалното поетско читање „Прелудиум“ во кафе и бар „Шила“ во Охрид и потпишувањето меморандум за соработка со „Арт поинт ‒ Гумно“, односно славењето на двата јубилеја: 35 години „Поетска ноќ во Велестово“ и 20 години „Арт поинт ‒ Гумно“.

Фестивалот го овозможија Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерство за култура и Комерцијална банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот