СЛОБОДЕН УДАР: Еволуција на мравките

Во далечна гора, во земја под травки, живееле мали и работни мравки…

Во долината на Рио Парана, малите и вредни аргентински мравки, како членконоги инсекти, се на дното на еволуцијата на животот.

Аргентинските мравки, сепак, развиле систем  на самоорганизирање и соработка. Тие како најдисциплинирани војници маршираат по своите патишта, обележани со феромон и се движат брзо натаму-наваму во илјадници, без да се затне или прекине течноста на сообраќајот. Никогаш.

Научниците што ги проучувале велат дека сѐ што им е потребно на мравките е несебичност и воздржаност. За да ја откријат тајната на нивната сообраќајна култура, научниците 170 пати снимале мравки како поминуваат преку тесно грло на патот помеѓу гнездото и изворот на храна. Преку мостовите широки 5, 10 или 20 милиметри во исто време биле пуштени да поминат помеѓу 400 и 25.600 мравки. И во сите случаи сообраќајот се одвивал без застој.

Додека по мост по кој чекорат луѓе се создава застој кога ќе биде надминат капацитетот од 40 отсто од површината, мравките воопшто не забавувале ни при капацитет од 80 отсто. Причината за тоа е саморегулирањето на брзината. Кога патеката е заситена, мравките мирно чекаат да им дојде редот, а потоа не запираат. Во случај, пак, некоја линија да се презасити, некои мравки самите ја преземаат улогата на сообраќајци – се враќаат во гнездото и го блокираат, принудувјаќи ги другите да трасираат нов пат.

Мравките и луѓето се единствените суштества на земјата што се движат по строго обележани патишта во двете насоки. Ние, хомосапиенсите, сме далеку посовршени и затоа сме на врвот од еволутивниот развој. Не се туркаме на мостови, туку сме откриле тркало, мотор и автомобили и, пред сѐ, сме создале закони и правила секакви ситуации, па и за сообраќајни. И не мора да се прават 170 експерименти за да се докаже универзално присутната способност за кршење на сите закони. На сообраќајните особено.

Во моето маало, кај трговскиот центар во Карпош, автомобилите што излегуваат од огромната гаража како по правило, а не по исклучок, полукружно ја сечат двојната полна линија на МАНАПО, токму преку пешачкиот, само за да ги прескокнат тие неколку стотини метри по обиколниот пат.

Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата не е дефиниран прекршок „сечење двојна полна линија“, но овој сообраќаен грев е опфатен во Членот 30, кој вели: „На јавен пат со коловоз за сообраќај на возила во двете насоки на кој постојат најмалку четири сообраќајни ленти, возачот не смее со возилото да преминува на коловозната лента наменета за сообраќај на возилата од спротивната насока“ и „на јавен пат на кој коловозните ленти се физички одвоени една од друга, возачот не смее со возилото да се движи по коловозната лента наменета за сообраќај на возилата од спротивната насока“. За првиот прекршок е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност, а за вториот глоба од 300 евра, плус „забрана на управување со моторно возило од шест месеци до една година“.

Настрана безбедноста, која е суштинска цел на законот. Со игнорирање и толерирање на ваквото незаконско и дрско однесување на возачите, буџетот е оштетен за стотици илјади евра. Проста математика. Овој прекршок секој ден го прават најмалку сто возачи. Сто казни, нека се и по 250 евра, тоа е 25.000 евра, секако во денарска противвредност. Секој ден! Ако се применува другата казна, добивката е двојно поголема. По 30.000 евра, плус отстранување на сто несовесни возачи од сообраќајот. Ако, пак, казнувањето ги превоспита несовесните, општеството има уште поголема полза, каква што не може да се изрази во денарска противвредност.

Ако надлежните немаат интерес за ваква полза, им препорачувам и алтернативна мерка. Кога служев воена обврска во една земја што сега е поранешна, имаше еден капетан „сообраќаец“, кој новопечените возачи што правеа прекршоци ги натера да се качат на по едно дрво. Ги остави таму цел час „за да гледаат преку оградата на улица како се вози“. Капетанот го казнија со одземање на чинот, но несовесните возачи повеќе не правеа грешки. Направија голем еволутивен исчекор кога се симнаа од дрвјата.

Кај нас, мајмуните не се ни качиле на дрвја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот