„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ОТКРИВА: СЈО должи пари кај ќе стигне

Под знак прашање е доведена исплатата на втората плата за стотината вработени во Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Нејзината исплата веќе доцни. На сметката на СЈО во банка има пари, навреме префрлени од Владата кои се испланирани да потраат до следната есен. Но, проблемот е посложен. Нема овластено лице кое може да потпише и вработените да земат плата. Нема ни кој да потпише да се платат сметките кои се нижат, дознава „Слободен печат“.

Како што велат нашите соговорници, повеќето од вработените од претходно имаат подигнато кредити, па поради доцнењето на платите, веќе на „врат“ си ги имаат банките.

Финансиската криза во СЈО започна откако Катица Јанева поднесе оставка, по што беше и притворена за аферата „Рекет“ каде таа е третоосомничена. Набру, по притворањето на Јанева, со одлука на Советот на јавни обвинители, нејзините две заменички Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска кои беа овластени од Јанева да потпишуваат исплати, заедно со десетмината колеги обвинители беа преземени од републичкото Јавно обвинителство, па во СЈО не остана никој кој има право да изврши плаќање.

– Не е далеку денот кога сметката на СЈО ќе биде блокирана од извршител, бидејќи нема никаков сигнал од власта да најде решение и да именува потписник на сметката. Во меѓувреме, долговите само се зголемуваат. Постоеше оптимизам кај колегите дека наводно Владата ќе ја овласти министерката за финансии д,а биде финансов „старател“ на СЈО, но еве веќе помина еден месец, а тоа не се случи. Што ќе биде никој не знае. Нервозата кај колегите е голема – велат нашите соговорници од СЈО.

Вработените велат дека имаат и намалени работни обврски откако обвинителите од оваа институција, не по своја желба, беа вратени во основните јавни обвинителства од каде дојдоа пред неколку години.

Во голема, не само финансиска, туку и работна криза се наоѓаат и истражителите кои во СЈО дојдоа од Министерството за внатрешни работи и од Финансовата полиција. Според нашите соговорници, дел од истражителите имале желба да се вратат на старите работни места, но тоа не можат да го сторат оти нема кој да им потпише документ дека се „раздолжени“ со СЈО.

Работа за техничкиот и административниот персонал на СЈО има во намален просек. Единствени кои постојано имаат работа се обвинителите. Тие сè уште ги користат старите кабинети, бидејќи Јавното обвинителство не располага со простор да ги смести новите 12 обвинители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот