„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ИСТРАЖУВАШЕ: Колку пари потрошиле директорите на комуналните претпријатија – Сметките од кафеаните, најбројни

фото: Pixabay

Од 2015 година навака, Државниот завод за ревизија извршил ревизија во три јавни комунални претпријатија, во „Комуналец“ – Гевгелија, „Паркови и зеленило“ – Скопје и „Комуналец“ – Кичево.

Во сите три извештаи, ДЗР констатира дека „финансиските извештаи не ја прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на претпријатието“.

Директорите на овие претпријатија најчесто се назначуваат политички по освојување на локалната власт од страна на било која политичка партија. Тие со тоа добиваат дискреционо право, да ги користат парите на претпријатието за „Расходи за репрезентација“, односно, гостење по кафеаните во земјава и во странство и фактурирање на сметките на конто на претпријатието со кое директоруваат.

Во 2014 година, поранешниот директор на „ЈП Водовод“ Куманово доби кривична пријава за трошење на околу 100 илјади евра на претпријатието за гостења по кафеаните.

„Слободен печат“, повикувајќи се на Законот за информации од јавен карактер, побара извештај од сите 58 јавни претпријатија, што на веб страницата на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер се класификувани како претпријатија за комуналии и водостопанисување, за тоа колку потрошиле во периодот од 2017 до 2019 година за репрезентација. Одговор добивме од 46 претпријатија.

Под „Расходи за репрезентација“ не секогаш се подразбираат само трошоците направени по хотелите и рестораните, туку и трошоци за рекламен материјал, календари, пенкала, визит карти, но сепак трошоците во рестораните се најголеми во оваа ставка.

Од информациите кои ги добивме утврдивме дека директорите на овие комунални претпријатија во период од две години, 2017 до 2019 година, потрошиле 537 илјади евра.

Различни директори, различни сметки

Разликите од година во година во трошоците за репрезентација во одделни претпријатија се енормни.

Во општина Маврово-Ростуше, ЈП „Маврово“ во 2017 година потрошило 380 илјади денари за репрезентација, додека наредната година, со смена на градоначалникот, претпријатието потрошило само 65 илјади денари.

Во ЈП „ИСАР“ – Штип, трошоците од 278 илјади се намалиле на 95 илјади денари. Во „Пролетер“ од Ресен, од 250 илјади на 32 илјади денари.

Интересен е примерот со „Комунална хигиена“ од Скопје, од 2,3 милиони денари во 2017 година, трошоците пандале на 252 илјади денари. Објаснувањето од сметководството во претпријатието беше дека најголем дел од трошоците во 2017 година, односно 1,6 милиони денари се направени за рекламен и едукативен материјал. Но сепак, и без овие пари, намалувањето е за околу 350 илјади денари.

Во малата рурална општина Сопиште, односно во општинското комунално претпријатие, трошоците за репрезентација во 2018 година речиси и да не постојат, само 2 илјади денари. Од друга страна пак, во 2017 година, директорот на претпријатието потрошил 111 илјади денари за репрезентација.

Претпријатие без сметководител

Комунално претпријатие има и општина Центар Жупа, но нивното комунално претпријатие „Кале“ нема завршна сметка за 2017 година.

Во преписката со претпријатието, на прашањето како е можно државно претпријатие да нема податоци за свои трошоци за претходните години, ни одговорија дека станува збор за „историски настан“.

– После 5 години раководење, директорот си заминал за Италија. Сметководителот не ни правеше завршна сметка бидејќи не му било исплатено. Најдовме друг сметководител во Дебар кој почна буквално под нулата. Со притисоци преку регулаторна едвај успеавме да му земеме завршни за 2017 и 2016 година, кои се катастрофа и во нив нема ништо на име репрезентација. Така денес, по една година, претпријатието има редовно сметководство со изработена завршна сметка, редовно се фактурира, се пресметува и плаќа ДДВ, се пресметува плата и слично – ни одговорија од ЈП „Кале“.

Во Крива Паланка „Облаче“ е омилена кафеана

Единствено претпријатие, кое ни одговори со сите скенирани фактури беше „Комуналец“ од Крива Паланка. Од она што можевме да видиме е дека кафеаната „Облаче“ и „Црешово топче“ се омилените директорски кафеани во градот.

Директорот во 2017 година, дури 68 пати се честел во кафеана со државни пари. Од фискалните може да се забележи дека речиси не постои негова посета во кафеана, а алкохолот да не биде дел од амбиентот на масата.

Знаеме дека Крива Паланка е мала општина, но за директорот во 2017 година и Македонија не била доволна, па така тој фактурирал сметки од ресторани во Бугарија, Германија и Србија. За едната сметка, од Бугарија, пишува дека станува збор за некаков деловен состанок, за другата сметка од Бугарија и за сметките од Србија и Германија, нема објаснување.

Неколку сметки од кафеаните во Крива Паланка, според часот на фискалната, се издадени и во 11 и 10 часот навечер. Една сметка е издадена на 29.04.2017 година, односно во сабота.

Додека во 2017 има дури 68 фактури за репрезентација, во 2018 се 19 а до сега во 2019 се 14 фактури.

Сметките што сметавме дека се најсомнителни, можете да ги превземете тука. Колку точно потрошило кривопаланечкото претпријатие за репрезентација не можевме да пронајдеме бидејќи не ни беше доставена вкупната сума, а не сите сметки се доволно читливи за да може да се соберат сумите.

Некои денешни директори, јадат и пијат повеќе од претходните

Освен што постојат претпријатија кои после локалните избори ги намалиле своите расходи за репрезентација, постојат и такви што ги зголемиле. Така, „Комуналец“ од Кавадарци, речиси двојно ги зголемил своите трошоци по оваа ставка, па од 332 илјади во 2017, трошоците станале 693 илјади денари.

Во кумановски „Водовод“ од 200 илјади денари, трошоците пораснале на 284 илјади. Во Росоман, во комуналното претпријатие, трошоците од 77 илјади скокнале на 158 илјади денари.

Охридското претпријатие задолжено за хигиената во градот, „Охридски Комуналец“ неколкукратно ги зголемило своите расходи за репрезентација. Од 57 илјади денари во 2017 година, на 230 илјади денари во 2018. Расходите на „Комуналец“ од Битола пак, од 330 илјади за репрезентација во 2017 година, станале 409 илјади денари.

Битолски „Водовод“ е повеќе „репрезентативен“ од скопскиот

Битолското претпријатие за управување со водоводната мрежа „Водовод“ – Битола, иако ги намалило своите трошоци во 2018 година, во споредба со 2017 за околу 120 илјади денари, сепак од 2017 до 2019 година, претпријатието потрошило 1,56 милиони денари за репрезентација. Околу 25 илјади евра.

За разлика од нив, „Водовод и канализација“ – Скопје, кое е поголемо и финансиски најбогато претпријатие за управување со водоводна мрежа во Македонија, неколкукратно ги намалило трошоците по оваа ставка. Така, во 2017 година, овие трошоци изнесувале 690 илјади денари, а во 2018 208 илјади.

Скопјани дупло повеќе штеделе и оваа година, така што, според податоците што ни ги доставија двете претпријатија што ги имаат за 2019 година, до сега скопското претпријатие потрошило 100 илјади денари за репрезентација, а битолското 215 илјади денари.

Вкупно, од 2017 година, претпријатието од Битола има потрошено околу 25 илјади за репрезентација, додека скопски Водовод 16 илјади евра.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот