Славјанка Петровска: Напад врз новинар – физички или вербален е напад врз демократијата!

После изборите, треба да посветиме повеќе внимание на регулативата за медиумскиот простор, односно дали секој може да се нарекува себеси новинар, кој може да има портал, дали на порталот може да се пишуваат невистини без притоа никој да сноси последици, рече во вечерашното интервју на Телевизија 24 Славјанка Петровска, заменичка на министерот за внатрешни работи.

-Генерално мојот личен став е и мислам дека тоа е генерално ставот на повеќето носители на јавни функции е дека ваквиот тип на однесувања, недолични мора да бидат санкционирани. Ако не ги санкционираме тогаш им оставаме простор на тие што ги кршат правата на другите граѓани да го владеат просторот. Мислам дека ќе треба после изборите да посветиме повеќе внимание на регулативата за регулирање на медиумскиот простор, односно дали секој може да се нарекува себеси новинар, кој може да има портал, дали на порталот може да се пишуваат невистини без притоа никој да не сноси последици. Да не се исплашат, немам намера да ја загрозам демократијата ниту правото на говор, но правото на говор не може да биде алиби за испраќање нечесни пораки, лични навреди и дисквалификации на луѓе само затоа што не се сложуваат со вас, рече Петровска.

Таа се осврна на случајот кога колегата новинар Мишко Иванов беше цел на сајбер булинг, навреди и закани на интернет и тоа го пријави во МВР, како и за други новинари кои се жалат дека се жртви на напади. -Во случајот со новинарот станува збор за истото лице кое упати закани по животот на еден од нашите политичари. Тој случај е завршен, со кривична пријава и се надевам дека ќе биде проширена и во случајот за новинарот Мишко Иванов, додаде Петровска.

Петровска не се согласува со тоа што Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР не ги санкционираше полицајците што му се закануваа на колегата од Алсат Фуркан Салиу.

-Постојат елементи на сериозен вербален напад врз новинарот кое што јас го осудувам во секоја смисла. Напад врз новинар без разлика дали вербален или физички е напад врз демократијата на земјата. Неосудувањето и несанкционирањето не враќа чекор назад. Постојат елементи барем за укор или опомена, меѓутоа во тој извештај нема никакви забелешки за постапувањето на полициските службеници, посочи Петровска. Дополнително, министерот Наќе Чулев се извини за инцидентот што за Петровска е доказ дека постои очигледно разногласие зашто зошто министерот би се извинувал ако нема нешто што е погрешено од страна на полициските службеници, за што постои и снимка. -Прашањето е дали внатрешната контрола во случајот работела под нечиј притисок и со ова се фрла дамка врз министерството, рече Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот