Слаба излезеност на изборите: До 15 часот гласале 18,1 отсто од избирачите
Излезеноста на гласачите до 15 часот на повторените локални избори за градоначалник изнесува 18,10 проценти, покажуваат официјалните податоци објавени од Државната изборна комисија (ДИК).
Препорачано
Според ДИК, до 15 часот гласале вкупно 23.201 избирач од 128.286 запишани во избирачкиот список.
Најголема излезеност до 15 часот е забележана во Општина Врапчиште, каде што гласале 5.730 избирачи од вкупно 27.279 запишани, односно 21,01 отсто. Следи Општина Маврово и Ростуше, каде што од 10.575 запишани избирачи гласале 1.967 луѓе, што претставува излезеност од 18,60 проценти.
Во Општина Гостивар, од вкупно 82.870 запишани избирачи, до 15 часот гласале 14.673 граѓани, односно 17,72 отсто од гласачкото тело.
Најмал одзив и понатаму е регистриран во Општина Центар Жупа, каде што од 7.562 запишани избирачи, својот глас го оствариле 831 гласач, што претставува излезеност од 10,99 проценти.
Од Државната изборна комисија информираат дека гласањето се одвива непречено на сите избирачки места кои беа отворени, а податоците за излезеноста се ажурирани заклучно со 15:50 часот.
Во споредба со локалните избори во 2025 година, одржани во првиот и во вториот круг, излезеноста на денешните повторени избори е значително пониска. Додека во вториот круг во 2025 година до 15 часот на ниво на држава гласале 27,19 проценти од избирачите, а во првиот круг излезеноста во истиот термин изнесувала 31,16 проценти, денеска во четирите општини каде се одржуваат повторени избори одзивот до 15 часот изнесува 18,10 проценти.


