Слаб интерес за попишувачи: Ниту 45 илјади денари не се примамливи за граѓаните

Попис. / Фото: Слободен печат

Влaдата веќе ги утврди новите протоколи, а пописот стартува со многу отворени дилеми, во услови на енормен раст на нови случаи на заболени од ковид-19.

На неполни две недели пред почетокот на пописот, се уште недостасуваат околу 650 попишувачи, а од Владата се децидни дека немаат намера да го одложат пребројувањето на населението.

Државниот завод за статистика (ДЗС) го продолжи рокот за пријавување на попишувачи на вториот оглас кој траеше до 21 август, до 25 август. Премиерот Зоран Заев посочи дека се прават дополнителни напори за да можат граѓаните да се пријават за спроведување на пописот.

– Апелирам уште еднаш до граѓаните, хонорарите за попишувачи се движат од 25.000 до 45.000 денари за тие 25 дена работа. Апелирам, посебно во општините кои Заводот за статистика ги објавува, каде има дефицит на луѓе, да се пријават граѓаните за да може да се заокружат навремено сите бројки. Верувам дека ќе имаме доволно попишувачи. Aпелирам до сите, дали се институции, приватни фирми, пред сѐ, кон граѓаните, но и политичките субјекти, да помогнат во обезбедување на вкупните бројки на попишувачи – изјави премиерот Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, имајќи ја предвид моменталната епидемиолошка состојба во која од ден во ден се регистрираат се поголем број на новозаболени од ковид-19, ја повика власта да размисли, дали пописот е поважен од здравјето на граѓаните и да донесе одлука дали оваа статистичка операција ќе се одржи или ќе се одложи.

– Уставна и законска одговорност на Владата е да води сметка, здравјето на граѓаните да биде заштитено. Власта владее со институциите. Опозицијата може само да предлага, власта е таа која што владее и треба да организира. Власта е таа која што треба да обезбеди безбедно спроведување на пописот или таа која треба да оцени дали здравјето на граѓаните е загрозено или не. Доколку власта не може да обезбеди доволен број на попишувачи, доколку власта сака да спроведе попис во екот на нов, четврти бран од делта сојот, таа треба да се произнесе и да каже дали спроведувањето на пописот е безбедно или не. Тоа што го има како одговорност власта, треба јавно на граѓаните да им го соопшти – изјави Мицкоски во гостување на Сител телевизија.

Премиерот Заев нагласи дека не се размислува да се одложи стартот на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

– Пописот е веќе договорен по барање на сериозен учесник во нашето општество, а тоа е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Толеранцијата е доблест на владејачките партии на чело со СДСМ, тие тоа го прифатија барањето на опозициската партија и еднаш веќе го одложивме пописот што ќе се спроведе од 5 до 30 септември. Не само што не смееме да размислуваме за повторно одложување, пописот е наша обврска, наша должност. Сите сме заедно во оваа работа. Пописот е статистичка операција која е насушно потребна за сите наши економски планови и предвизвици кои ги имаме пред нас. И редно е, конечно по 20 години, истата да ја спроведеме – изјави Заев.

Oд ДЗС велат дека протоколите кои што ги добиле од Владата за спорведување на пописот во услови на ковид-19 се идентични на тие од пролет, и дека во нив не се споменува ништо за постапување со невакцинирани.

Според новите анти-ковид мерки, за влез на отворена тераса во кафуле треба да се има сертификат за вакцина, додека за попишувачите кои ќе влегуваат во домовите на граѓаните ова правило не важи. Надлежните кои ги контактиравме велат дека пожелно е попишувачите да бидат вакцинирани, и додават дека задолжително е носење маски, одржување на дистанца, честа лична хигиена, дезинфекција на површини и сл.

Пописот на населението ќе се одржи од 5 до 30 септември.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот