Скопскиот бенд „ПМГ Колектив“ објави двоен албум „Најголемите хитови“

Промотивниот концерт, со кој „ПМГ Колектив“ достојно ќе го одбележи излегувањето на двојниот албум со наслов „Најголемите хитови“, ќе се одржи на 8 април, со почеток во 21 часот, во Денсинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје.

Бендот ќе го отсвири албумот во проширена форма и како вистинска современа музичка атракција, под името „ПМГ Колектив Оркестар“, а ќе настапат Синиша Евтимов (гитара), Александар Гавровски (бас), Мирко Попов (вокал, машина), Владан Дробиски (тромбон), Марија Каева (вокал, синтисајзер), Дино Милосављевиќ (тапани), Васко Бојаџиски (саксофон) и Павел Дробицки (бас).

– „ПМГ Колектив“ не е бенд. „ПМГ Колектив“ е љубовно-музичка авантура, која вербализира некои приватни или универзални политики кои живот значат за луѓето кои го сочинуваат. „ПМГ Колектив“ дефинитивно не е вашиот омилен бенд, всушност, „Пи-ем-џи“ се бучни, весели, темпераментни и создаваат премногу содржина, ете девет албуми, милион синглови, ремикси, музики за театар и филм и неколку компилации… Реално, во нашиов, македонски контекст, „Пи-ем-џи“ се во најмала рака сомнителни. Сепак, нема ништо сомнително во фактот што „ПМГ Колектив“ го издаде својот „Greatest hits“ албум, каде што се поместени најголемите хитови од последните дваесет години. Имено, „Скопјанка“, „Манекенки“, „80-ти“, „90-ти“, „Сомнително лице“, „Луѓе од градови“, „Ти си мојот свет“… се несомнено хитови, но пред сѐ се песни што го сублимираа, но и го креираа духот на едно време: Скопје (Македонија) на почетокот на 21 век – стои во најавата на концертот.

Деновиве излезе видео со најновата верзија на легендарната песна „Скопјанка“, цели дваесет години подоцна и уште првиот ден предизвика бура позитивни реакции на социјалните мрежи. Атмосферата на концертот ќе ја загрее извонредниот дебитант на македонската музичка сцена, фантастичниот Аудиоцигла.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот