„Скопје прајд“ ќе се одржи на 20 јуни под слоганот „Сите нека знаат“
Овогодишниот „Скопје прајд“ (Парада на гордоста) ќе се одржи во Скопје на 20 јуни, а мотото овој пат е „Сите нека знаат“.
Препорачано
„Со слоганот сакаме да ѝ се спротивставиме на тишината што ни се сервира како услов за безбедност и прифаќање, како и на замолчувањето што го добиваме како одговор на нашите барања и протести“, соопштија од „Скопје прајд“.
Оттаму додаваат дека „Сите нека знаат“ е порака против, како што велат, системското бришење и истиснување на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.
„Со овој слоган јасно порачуваме дека постоиме, тука сме и одбиваме да се смалуваме за да бидеме прифатени. Ние сме дел од семејствата, пријателствата, работните места и секојдневниот живот на ова општество. Истовремено, сакаме да укажеме и на тежината што видливоста сè уште ја носи за многу ЛГБТИК+ луѓе, кои живеат со страв од последиците доколку ‘сите дознаат’“, соопштуваат од „Скопје прајд“.
Парадата на гордоста ќе започне во 18 часот кај Фонтаната во Градски парк, а маршот ќе стартува во 19 часот.
Поворката ќе се движи по булеварот „Илинден“, улицата „Рузвелтова“, булеварите „Партизански одреди“ и „ВМРО“, како и по улицата „Димитрије Чуповски“, со завршница во паркот „Жена – Борец“.


