Скопје не смее да падне!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Зарем вие мислите дека госпоѓата Данела нешто ќе одлучува во град Скопје? Ма, ви се молам, вие мора да се шегувате. Може да се менува таа во некој фризерски салон, ама во јавните и градските работи, тамо ќе одлучуваат некои други „забрадени“ чичковци. Тамо ќе одлучува бегалецот Груевски и неговата подружница Христијан Мицкоски!

Се враќам повторно на констатацијата што ја имам цело време во мојата свест: на овие избори треба да се гласа за Петре Шилегов и за прогресот на премиерот Заев! Зошто? Затоа што во спротивно се гласа за можно враќање на злото. А злото во оваа земја е ВМРО-ДПМНЕ, таа ригидна и тврда десница!

Со даден глас за Шилегов ние ја преземаме одговорноста за иднината. Што би значело уште: гласот даден за Шилегов е глас дека јас сум реалистичен и не живеам во митови, што од друга страна би значело дека со глас за Шилегов, јас спречувам да се вратиме назад, а за враќање назад треба огромна енергија што ние ја немаме.

Јас мислам дека сите наши избори се историски, па така и на овие в недела – без разлика што се историски – се бира правецот на движење на земјата. Притоа, општеството реално се наоѓа во една анархична состојба, а опцијата да не се поддржи Шилегов придонесува таквата состојба да се продлабочи.

Отсекогаш сум бил реалистичен човек, не негувам никакви илузии во ова општество, ниту очекувам семоќен поединец кој сè ќе промени наеднаш. Со други зборови, нашите граѓани би требало да знаат дека Македонија е заостанато општество, без демократска традиција, многу долго време беше изложена на перманентно насилство и терор од ВМРО-ДПМНЕ, дури и денес, после се, општеството се наоѓа во многу тешка состојба, анархијата зема замав, имаме подобрен меѓународен углед, се интегриравме во НАТО, решивме билатерален спор на цивилизациски начин со Грција, но како да ни недостига уште само малку.

И тука ќе бидам отворен и искрен: Петре Шилегов за мене е реалполитика. Еве практично што би значело тоа. Шилегов со својот тим го ослободи кејот 13 Ноември; го уреди плочникот пред ГТЦ; ги ослободи тротоарите; рекордно го зголеми бројот на зелени површини; запуштените јавни површини ги претвори во зелени скверови; засади 20-ина нови дрвореди; Скопје стана град на зелени покриви; го исчисти и го уреди градскиот кеј; обнови 19 мостови во градскиот парк; воведе ред на „Водно“; обнови тартан патеки, памптрак полигони, велопатеки итн. итн.

Но, сепак, работата не е сјајна. СДСМ во првиот круг на локалните избори имаше премногу неизлезени гласачи што припаѓаат на оној кампус што се смета за „градски“, а може да го дефинираме и како „демократски“. Тие гласачи го имаат секое суверено право да прават со својот глас што им е волја, ама со неизлегување на изборите, ние не го казнуваме СДСМ, тука ја казнуваме Македонија, ја казнуваме иднината на нејзините граѓани. А, ако некој мисли дека со спиење дома ќе го најде излезот или со неизлегување на изборите, сигурен сум дека излез нема да има. Само што свесно или несвесно ќе одработуваме за ВМРО-ДПМНЕ, а тука имаме дупло голо за сите.

Ако сакаме да размислуваме како да го тргнеме едното зло, a злото е повторно враќање на груевизмот, и да се посветиме конкретно на иднината, на прогресот, на пријателството и мирот, ние мора да ја поразиме и на овие локални избори ригидната ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе ги поразиме, реалполитиката ќе се врати повторно во центарот на нашето секојдневие, дури и ќе се врати класично, фројдовски. Ќе имаме можност да го промениме досегашниот метод и погледот на светот.

Реалполитиката е добра замена за историјата, имаме шанса да направиме голем исчекор напред уште кога ќе ја надминеме таа статична слика што нè гуши повеќе од 30 години. Бидејќи ние, ако цело време сме во историја, од тоа нема леб, а богами уште помалку слобода!

Одбивам да ми се претставува некоја госпоѓа Данела за алтернатива на Шилегов, бидејќи таа конфузнa и дезориентирана „налицкана дама“ не е ништо друго освен параван за враќање на најлошите струи и политики во државата. И оттука, оваа госпоѓа мене искрено ме плаши. Не ме плаши нејзината појавност, таа појавност е обична маска, туку ме плаши нејзиното незнаење и нејзината политичка неартикулираност. Ме плаши таа нејзина стерилност и површност, ме плаши таа нејзина неупатеност. А Скопје, да не се лажеме, не е „вмровски“ град, Скопје е премногу сложен (човечки) организам за да биде препуштен на еден „конфузна дедомразица“! А конфузна е затоа што зад неа се скрива ликот на Никола Груевски, тоа е премногу очигледно!

Не смееме Скопје да ѝ го препуштиме на таа десничарска ригидна политика, оти тогаш ќе знаеме дека со Скопје – а попатно и со цела држава – нешто сериозно не е во ред. Тогаш ќе знаеме дека Скопје е повторно влезено во мрачните патишта на некои железни идеологии и интереси кои, со нас кои живееме во оваа држава, немаат никаква врска. И не сакам да си ја акам главата од sид ако доведеме политика која час нè спојува, час нè раздвојува. Одбивам Скопје да им послужи за експеримент на најголемите десничарски штеточини во историјата на оваа земја! Тие се на иста страна како и секогаш – ама се против нас!

СДСМ секој момент од неговото владеење се редефинира, што значи во себе има огромна моќ за авторефлексија, а ВМРО-ДПМНЕ нема во себе таква супстанција и смисла; тоа е иста стара и полуартикулирана братија како од времето на груевизмот, која не знае ништо друго освен што има силна свест за пари, моќ, спинови и хистерични халуцинации.

Зарем вие мислите дека госпоѓата Данела нешто ќе одлучува во град Скопје? Ма, ви се молам, вие мора да се шегувате. Може да се менува таа во некој фризерски салон, ама во јавните и градските работи, тамо ќе одлучуваат некои други „забрадени“ чичковци. Тамо ќе одлучува бегалецот Груевски и неговата подружница Христијан Мицкоски!

Данела е, повторувам уште еднаш, појава што ги магли работите. Таа е тука да ја продолжи тенденцијата што ќе ги брише разликите помеѓу себе и ВМРО-ДПМНЕ. И тука е големата замка. Повторувам, зад Данела стои Груевски лично!

Затоа велам дека Скопје не смее да падне, оти повторно ќе биде исто – повторно иста песна, за историјата, за регресот, пропаѓањето, за насилството, за одмаздата, за диктатурата, за киднапирањето, за автократијата, за тесната олигархија… Аман, веќе од тој проклет груевизам.

Скопје не смее да падне!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот