ВИДЕО | Скопје доцна се накити, уште подоцна се раскитува, за малку не го дочекавме февруари со елки и лампиони
Сите обиди да се добијат одговори од градоначалничката и од Град Скопје за тоа кога ќе се случи раскитувањето и зошто годинава се остави толку долго, останаа без одговор. Можеби всушност ова беше еден вид надомест за граѓаните поради тоа што според нив градот беше украсен многу доцна.
Можеби градоначалничката Данела Арсовска годинава доцна го украси градот, дури на десетина дена пред новогодишните празници, но затоа ги остави елките и лампионите да светат до крајот на јануари. Во новогодишна атмосфера скопјани ги поминаа сите празници месецов, а малку фалеше и февруари да го дочекаат со светнати лампиони и сијалички над булеварите.
Препорачано
Раскитувањето на плоштадот „Македонија“ започна дури денеска, кога екипи од градските претпријатија се фатија за работа за конечно да ги тргнат украсите и од плоштадот и од улиците кои светат веќе месец и пол и непотребно трошат струја.

Во меѓувреме, сите обиди да се добијат одговори од градоначалничката и од Град Скопје за тоа кога ќе се случи раскитувањето и зошто годинава се остави толку долго, останаа без одговор. Можеби всушност ова беше еден вид надомест за граѓаните поради тоа што според нив градот беше украсен многу доцна.
Новогодишното китење на Скопје годинава помина со многу дилеми и отворени прашања. Освен дека украсувањето ќе чини околу 30 000 евра, до денес не се дозна која фирма беше ангажирана, ниту како, ниту на кој начин беше платена. Истото се случи и минатата година кога според Арсовска градот бил накитен без дополнителни трошоци. Но, до ден денешен градоначалничката не објасни како се кити град беспари, со која општествено одговорна компанија и како било договорено бесплатното украсување.

За тоа како беше реализирано новогодишното украсување во Скопје испитуваа и инспектори од Управата за финансиска полиција, откако беа јавно повикани од Јавното обвинителство да откријат каде завршиле 30 000 евра од Град Скопје, односно парите на граѓаните.
Арсовска тврди дека за украсувањето имало јавен тендер, тоа веќе било образложено во јавноста
Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки – посочија пред еден месец од обвинителството од Обвинителството.
Што покажаа резултатите од контролата на финансиските инспектори не се знае, затоа што до јавноста такви информации не стигнаа, односно дали утврдиле некои пропусти или се било во ред, како што постојано тврдеше Арсовска. Но затоа градоначалничката не ја пропушти можноста да се пошегува ообјавувајќи фотографија како игра шах со Дедо Мраз со зборовите „во исчекување на резултатите од истрагата за елката“.
Освен украсувањето на плоштадот и булеварите во Скопје, од 25 декември до Божиќ на плоштадот секојдневно беше организирана забава за граѓаните со настап на домашни музичари и групи, како и наградни игри и претстави за деца. За жал, додека во другите градови во регионот со месеци однапред се знаеше каква новогодишна забава ќе се организира на градските плоштади, па на тој начин привлекуваа гости од соседството, кај нас и тоа се случи во 5 до 12, односно програмата на плоштад беше објавена една недела пред новогодишната ноќ.


