Скопјанец го малтретирал детето, сопругата и нејзините најблиски

Хелсиншкиот комитет до Основното јавно обвинителство – Кичево поднесе барање за постапување, со цел да се спречи понатамошното насилство и да се овозможи заштита на жртвата и нејзиното семејство.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на 10 ноември доби сознание за семејно насилство, вршено врз женско лице од Кичево од страна на нејзиниот брачен партнер од село Љуботен, Скопје. Комитетот стапи во контакт со адвокатот на жртвата од кој добивме информации за случајот и нè извести дека од страна на Министерството за внатрешни работи се поведени две кривични постапки пред Основното јавно обвинителство – Кичево против насилникот. Кривичните постапки се однесуваат за кривичните дела од член 130 став 2 и член 149 од Кривичниот законик.

„Дополнително, добивме информација дека Министерството за внатрешни работи води истрага за уште три дела за семејно насилство сторени од страна на насилникот врз жртвата и нејзиното семејство. Меѓутоа, иако против насилникот се поведени две кривични постапки за семејно насилство до надлежното обвинителство, се водат истраги во рамки на Министерството за уште три други дела поврзани со семејно насилство, а на 16 ноември од страна на Основниот суд ‒ Кичево против насилникот се изречени и привремени мерки за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, осомничениот сè уште слободно се шетал, доаѓал пред станот на жртвата, се заканувал и продолжил да се однесува насилнички. Животот на жртвата, нејзиното малолетното дете и животите на членовите на нејзиното семејство се секојдневно ставени под огромен ризик“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Имајќи предвид дека ненавремената реакција на институциите може да доведе до фатални последици кај жртвите, Хелсиншкиот комитет на 17 ноември до Основното јавно обвинителство – Кичево поднесе барање за постапување, со цел да се спречи понатамошното насилство и да се овозможи заштита на жртвата и нејзиното семејство.

„Имајќи предвид дека Основното јавно обвинителство има една од клучните улоги во оваа постапка за заштита на жртвата и нејзиното семејство, потребно е брзо, ефикасно и ефективно спроведување на постапките и поведување обвиненија пред надлежен суд, за насилникот да биде прогласен за виновен и санкциониран за неговите дела од страна на судот. Она што е неопходно, сè до правосилно завршување на овие постапки, а со цел заштита на безбедноста и здравјето на жртвата и нејзиното семејство, како и непречено водење на кривичните постапки, е обезбедување на негово присуство односно поднесување на предлог до судот за изрекување на мерка притвор против насилникот“ велат од Хелсиншки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот