Скопјанец не може да докаже дека е жив, братот-близнак му го зел пасошот и починал во Чешка

Лична карта лични карти документи
Издавање на новите лични карти/ Фото: МИА

Скопјанецот Афет Џелилов има правосилна судска пресуда, резултати од две ДНК-анализи и поддршка од полицијата, но и тоа не му е доволно да ја убеди Управата за водење матични книги дека тој е тој, а не неговиот починат брат-близнак, пишува „СДК.мк“.

45-годишниот Џелилов вели дека откако брат му Нусрет пред повеќе од 20 години тајно му го зел пасошот и со него отишол во Чешка, каде починал, тој живее во домашен затвор, или како што вели – во „бунар“.

Тука почнуваат неописливите проблеми на Афет, кој е жив, но за него е издадена умреница. Безуспешно се бори да докаже дека тој е Афет, а Нусрет починал со неговиот пасош, но Управата за водење матични книги е глува и не му дава извод на родени по вторпат. Изводот му е потребен да извади нова лична карта (старата му е истечена уште пред десетина години), да извади сметка во банка, здравствена книшка, обновена возачка дозвола, да се вработи. Има сопруга и две деца.

Каде да се појави, Афет го носат во полициска станица кога ќе каже кој е. За системот, тој е мртов, не постои од 2001 година, па кога ќе го каже својот идентитет, дава впечаток дека е измамник, криминалец. Немоќен, по 20-годишна неуспешна битка со Управата и со доказ – судска пресуда дека Нусрет Џелилов е починат и погребан во селото Горно Количани, а не брат му Афет, како што стои во посмртницата, тој се обратил до Народниот правобранител.

„Сè ми е измешано во главата во оваа држава. Ме маткаат и малтретираат со години, нема врата на која не сум тропнал. Двапати ДНК-анализа правев, полицијата утврди дека јас сум Афет, жив сум. Кога стигнувам во Матично, се блокира постапката. Јас сум во домашен затвор. Бев пријавен на мое име, но кога ми истече важноста на личните документи, мојот работен однос престана. Немам лична карта, ме држат непријавен на работа само затоа што сум вреден и лојален работник. До 2010 година имав и банкарска сметка, но во 2010 година и таа се изгаси. Тоа што си штедев од платата, ми остана во банка заробено до ден-денес. Адвокатот си зема од неа за адвокатски услуги, јас не можам“, раскажува Афет за хаосот во кој му се претворил животот откако државата го смета за умрен.

Тој вели дека се изнадавал неброени пари во битката да ја докаже вистината пред Управата за матични книги и оти веќе е исцрпен.

„Во 2010 година се спремаме за на одмор во Турција и јас, сопругата и бебето од една година, одиме да вадиме пасош. Податоците на мајката нормално во ред беа, кога стигна службеничката кај мене, вели – ‘блокиран си, тебе треба да те уапсиме’. Оттогаш сум блокиран. Претходно имав син пасош, кој требаше да го сменам во црвен“, раскажува Афет.

Прочитајте ја целата приказна на „СДК.мк“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот