Скандал во „Рокстар Гејмс“: Отпуштања поради тајни информации, играта „ГТА 6“ пак се одложува
Компанијата „Рокстар Гејмс“, позната по легендарната видеоигра „Гранд тефт авто“, се најде во центарот на нов скандал – само неколку дена пред официјалното соопштение за новото одложување на „ГТА 6“, од нејзините канцеларии во Велика Британија и Канада биле отпуштени повеќе десетици вработени.
Препорачано
Како што објави порталот „ЛАДБајбл“, причината за отпуштањата е наводно споделување доверливи информации на јавни форуми. Од „Рокстар Гејмс“ потврдија дека презеле дисциплински мерки против „мал број поединци кои ги прекршиле внатрешните правила“, но ги демантираа шпекулациите дека станува збор за одмазда против работници кои се обиделе да формираат синдикат.
„Оваа постапка нема никаква врска со синдикални активности или со правото на организирање. Станува збор за јасно прекршување на доверливоста“, изјави портпарол на компанијата.
Од друга страна, Независниот синдикат на работници на Велика Британија тврди дека сите отпуштени биле токму оние што се залагале за синдикално здружување. Во изјава за агенцијата Блумберг, организацијата го оцени потегот на „Рокстар Гејмс“ како „еден од најбруталните примери на спречување синдикално организирање во историјата на гејминг-индустријата“.
Отпуштањата се случиле непосредно пред објавата дека „ГТА 6“ повторно се одложува – овој пат до ноември 2026 година. Тајмингот на настаните предизвика лавина теории меѓу фановите, но познатиот јутјубер и новинар Рис Рајли, кој редовно интервјуира развивачи на видеоигри, тврди дека двете ситуации немаат никаква поврзаност.
„Во компанија со повеќе од шест илјади вработени, не се одложува игра поради отпуштање на триесетина лица“, напиша Рајли на платформата Икс, додавајќи дека информациите за можното одложување кружеле многу пред синдикалниот спор.
Тој исто така објасни дека „Рокстар Гејмс“ функционира со строго поделени оддели, поради што најголем дел од вработените немаат целосен увид во проектот.
„Повеќето програмери работат само на својот сегмент и немаат увид во остатокот од играта, тоа е дел од безбедносната политика, но и начин да се управува со толку голем проект“, наведе Рајли.


