Скандал на Токсикологија: Вработен вршел притисок урина со наркотици да се замени со чиста урина и уште оди на работа

Интерни клиники и токсикологија / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази денеска демонстрираше крајно несоодветен и потценувачки однос кон новинарите на „Слободен печат“ кои дојдоа во нејзината канцеларија да побараат став од неа за фрапантните обвинувања дека таа комуницира со преведувачка од албански на македонски јазик, како и дека врши притисок да се вработат 18 лица со договор на дело и покрај тоа што медицинскиот директор Данил Петровски одбива да ги потпише вработувањата бидејќи е предизборен период.

Откако се појавивме пред канцеларијата на директорката Иљази и затропавме, ја информиравме дека нема да ја напуштиме Клиниката додека не ни даде изјави за сериозните обвинувања за нејзиното работење.

Таа не изусти ни збор, но девојка облечена во бел мантил, која најверојатно ѝ е преведувачка, не информираше дека кога директорката ќе се ослободи ќе не прими. Откако чекавме 45 минути, истото лице излезе надвор да не информира дека Иљази решила изјава да даде во 14 часот и да се вратиме тогаш.

Инаку, според информации на „Слободен печат“ кои сакавме да ги потврдиме со нејзина изјава односно да добиеме нејзин став за ситуацијата, меѓу 18-те лица за кои таа бара да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборантот да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина. Лаборантот го пријавил болничарот дека му вршел притисок да ги смени примероците урина и тука се запалил црвениот аларм во болницата. 

Оваа информација за „Слободен печат“ ја потврдија три независни извори од Клиниката за токсикологија и истата била предмет на дискусија на стручен состанок. На состанокот се донела одлука овој болничар повеќе да не доаѓа на работа, ама според нашите информации кои ги добивме од други вработени на Клиниката за токсикологија, економската директорка му дозволува да оди на работа. 

Вчера вработени на Клиниката за токсикологија испратија писмо до медиумите со тврдења дека економската директорка Бесија Иљази не доаѓала на работа освен во период од 4,5 часа дневно, дека не потпишува документи за исплата кон добавувачите поради што на Клиниката ѝ се таложи камата, дека не е завршена постапката за осигурување од лекарска грешка итн.

На ниедно од овие обвинувања таа денеска не одговори, туку ја остави нашата екипа да чека пред вратата, демонстрирајќи неодговорност кон јавноста во чие име настапуваат новинарите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот