Скандал ја тресе Босна и Херцеговина – полицајци, професор и поранешен пратеник користеле девојчиња за проституција
На Обвинителството му се предадени и универзитетскиот професор и поранешен пратеник во Парламентот на БиХ, Зијад Јагодиќ (61), Шемсудин Кадриќ (39), Сулејман Шехиќ (67) и Недим Авдиќ (41).
Вкупно осуммина, меѓу кои и четворица полицајци на МВР на Тузланскиот кантон во Босна и Херцеговина, се осомничени за кривично дело трговија со луѓе, поврзано со искористување на две малолетни девојчиња, родени во 2009 година, за цел – проституција.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тие утрово се предадени во надлежност на Кантоналното обвинителство во Тузла, а станува збор за полицајците Бесим Копиќ (51), Миралем Халиловиќ (46), Јасмин Модриќ (30) и Џевад Пожегиќ (55), пренесе Мондо.
На Обвинителството му се предадени и универзитетскиот професор и поранешен пратеник во Парламентот на БиХ, Зијад Јагодиќ (61), Шемсудин Кадриќ (39), Сулејман Шехиќ (67) и Недим Авдиќ (41).
„Тие денеска ќе бидат испитани по овие околности, а обвинителството најверојатно ќе поднесе предлог до Кантоналниот суд во Тузла за определување притвор за сите осум осомничени“, изјави портпаролот на Кантоналното обвинителство во Тузла, Адмир Арнаутовиќ.
Според неговите зборови, Копиќ, Кадриќ, Халиловиќ, Модриќ и Шехиќ се осомничени дека во периодот од април 2024 до крајот на јули 2025 година врбувале, наведувале, превезувале на различни локации во подрачјето на Калесија, Живинице и Сребреник, ги предавале на други лица и ги криеле двете петнаесетгодишни девојчиња со цел искористување за проституција и други облици на сексуално искористување, а и самите користеле нивни сексуални услуги кои ги плаќале.
Дел од парите од сексуалните услуги, кои девојчињата биле присилени да ги пружаат на други лица, го земал првоосомничениот Бесим Копиќ.
Девојчињата од социјални установи
Јагодиќ, Пожегиќ и Авдиќ се осомничени дека во наведениот период, иако знаеле дека станува збор за малолетни девојчиња и жртви на трговија со луѓе, ги користеле нивните сексуални услуги и им плаќале за тоа.
„Станува збор за две девојчиња чиј развој е отежнат поради тешки семејни прилики и кои биле сместени во социјални установи на подрачјето на Тузла, како и во Прифатилиштето на Домот за деца без родителска грижа Тузла, од каде повеќепати бегале и биле враќани од страна на полициски службеници и центрите за социјална работа. Осомничените го искористувале нивното бегство од установите и нивната беспомошност за да ги врбуваат и наведуваат на проституција и да ги користат нивните сексуални услуги“, изјави Арнаутовиќ.
Им се заканува најмалку 10 години затвор
Тој додаде дека Обвинителството, во соработка со истражителите од Секторот за криминалистичка полиција – Одделение за борба против организиран и компјутерски криминал при МВР на ТК, спровело повеќемесечни истражни активности и работело на документирање на овие кривични дела.
„Осомничените, по извршените претреси на повеќе локации во Калесија, Живинице и Бановиќи, беа лишени од слобода. Над нив беше спроведена криминалистичка обработка и, заедно со извештај за извршено кривично дело, предадени се на надлежното обвинителство“, наведе Арнаутовиќ.
Тој нагласи дека за кривичното дело „трговија со луѓе“, оној што ќе врбува, наведе, превезе, предаде, сокрие или прими лице помладо од 18 години со цел искористување за проституција или други облици на сексуално искористување, е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.


