СКАНДАЛ: Фатмир Меџити ја разрешил доктор Милена Стевановиќ зашто „ѝ истекол сертификатот за англиски“ од Кембриџ кој важи доживотно

Д-р Милена Стевановиќ, директорка на Инфективната клиника, Фото: Слободен печат

Сопартиецот на министерот за здравство, Фатмир Меџити, доктор Фадил Цана ја победи доктор Милена Стевановиќ на конкурсот за директор за Инфективната клиника. И покрај тоа што таа ја водеше Клиниката седум години, вклучително и во најтешките периоди на ковид пандемијата, според Министерството за здравство „ѝ пресудил истечен сертификат за англиски јазик“. Според информации на „Слободен печат“, сертификатот за англиски јазик на доктор Стевановиќ не би можел да биде со поминат рок затоа што станува збор за сертификат издаден од Кембриџ кој трае доживотно и не му поминува важноста. Доктор Стевановиќ дополнително магистерските студии ги има подготвувано во „Ројал Стејт Хоспитал Лондон“ каде се зборува само англиски јазик. Таа во својата медицинска кариера била и стипендист во Англија. Магистерската, пак, Стевановиќ ја има подготвувано во „Челзи Вестминистер Хоспитал Лондон“, а една година била и на специјализација во Англија.

Смената на директорката со кадар од партијата на министерот Меџити, непосредно по формирањето на техничката влада, отвора сомнежи дека станува збор за политички мотивирана смена.

– Јас и порано кажав дека нема да има вечни директори. Конкретно за директорката на Инфективната клиника, не е разрешена, не ѝ беше истечен мандатот, мислам дека ѝ е до април. Имаше истечен сертификат. На конкурсот имаше двајца кандидати и заедно со службите во Министерството ние го одбравме тој што беше со комплетна документација, изјави Меџити.

Стевановиќ поседува сертификат за англиски јазик ниво Б1, издаден од Кембриџ како најпризнаена квалификација за знаење на англиски јазик во светот, сертификат кој нема временски ограничувања, туку само датум на полагање и со кој досега конкурирала, не само на повиците за директор туку и за други потреби и немало никаков проблем.

„Слободен печат“ се обрати во Министерството за здравство со прашање каков сертификат има доктор Фадил Цана, а каков доктор Милена Стевановиќ. Според информации на „Слободен печат“ докторот има сертификат за англиски од Тирана, од признаена институција за тестирање за англиски јазик. Од Министерството за „Слободен печат“ велат дека еден од формалните законски услови, пропишани во Законот за здравствената заштита, за именување медицински директор на јавна здравствена установа по спроведен јавен конкурс е именуваното лице да поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години: ТОЕФЛ ИБТ најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен, БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода и АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

По спроведениот јавен конкурс за медицински директор на јавната здравствена установа Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, на конкурсот се пријавиле двајца кандидати: Милена Стевановиќ и Фадил Цана. Во конкурсната документација се доставени следните документи од кандидатите во поглед на докажувањето на овој законски услов: за кандидатот Милена Стевановиќ сертификатот за познавање англиски јазик е Cambridge English Level 1 Certificate in ESOL International (Preliminary)* and Council of Europe Level B2 (*refers to the UK National Qualifications Framework) со датум на издавање 03/08/2015, а за кандидатот Фадил Цана сертификатот за познавање англиски јазик е British Council Albania APTIS General – Listening and reading B2 со датум на издавање 18/01/2020, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека по завршениот конкурс и спроведената постапка, согласно Законот за здравствената заштита, при именувањето медицински директор по спроведен конкурс во оваа установа, во конкурсната документација се ценети сите формални услови пропишани со Законот за здравствената заштита, вклучително и поседувањето на еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години.

Доктор Цана е од партијата на Арбен Таравари и со неговото име се шпекулираше за министер за здравство уште кога министер за здравство стана Фатмир Меџити.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот