Ситиот на гладниот не му верува: Доцни исплатата на социјалната помош

Министерството за социјална заштита ги остави незаштитени најранливите категории граѓани во државата. На нивните банкарски сметки нема пари за туѓа нега, ниту пак надоместоци за попреченост, за сместување на дете кое е во згрижувачко семејство иако сите овие надоместоци Министерството за труд и социјална политика вообичаено ги исплаќа на 5-ти во месецот. Ваквата состојба ги принуди банките на своите влезни врати да испечатат известувања дека нема абер од исплатите затоа што сиромашните граѓани зависни од овие исплати постојано прашуваат на шалтерите кога ќе ги добијат надоместоците.  На вратите од банките нив ги чека соопштението – дека Министерството за труд и социјала не доставило до банката листи за исплата на социјална помош и детска заштита.

Почитувани корисници на социјални исплати, ве известуваме дека Министерството за труд и социјална заштита нема доставено до Банката листи за исплата на социјална помош и детска заштита. Во моментот кога листите ќе пристигнат ќе бидат веднаш процесирани, по што ќе започне исплатата кон корисниците. Корисниците кои имаат платежни картички ќе може да располагаат со средствата веднаш откако ќе започне исплатата но останатите клиенти ќе треба да се прилагодат на работното време на филијалите, пишува на влезната врата на една од банките во Градскиот трговски центар во Скопје.

Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Светлана Симоновска, корисничка на два надоместока, за туѓа нега и за мобилност за „Слободен печат“ вели дека и минатиот месец исплатите доцнеле. Вообичаено пред тоа, парите ѝ легнувале на трансакциската сметка на 6-ти во месецот но минатиот месец легнале на 11-ти.

-Земам два надоместока и вкупно се 16.200 денари. Имам пријатели со хендикеп и овие луѓе живеат од овие пари. Јас земам инвалидска пензија, ама не стигнува бидејќи мора да се купат суплементи, излегуваат тековни здравствени потреби, физикална терапија. За еден преглед позајмив пари за да се снимам минатиот месец. Згора на тоа имавме порамнување од 1000 денари и тоа го отстранија од исплатата! Се јавив во службата за социјални работи во местото каде што поднесов за туѓа нега и машки глас ми рече „стрпете се, за сите нема ќе нема ни за вас“, изјави за „Слободен печат“ Симоновска.

Таа додава дека условите за обновување на документацијата за продолжување на исплатите на лекарските комисии и нивните прегледи се тотално нехумани зашто здравствените институции според неа, се во процес на распаѓање.

-Тотално недостоинствени се условите во кои одиме за туѓа нега.  Нема место ни каде да седнеш ниту ред кого го викаат на преглед. После тоа чекав 2 месеци за да ми ги обработат документите откако ми го извршија прегледот. И тие 2 месеци немав исплата на средствата зашто документите не ми беа обработени. На ортопедија го направија прегледот. Институциите се неажурни, дури и прегледот да е совршен, вели Симоновска.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски за „Слободен печат“ вели дека парите се префрлени во трезорот и исплатата ќе почне утре. Ова се однесува на исплатата на средства за туѓа нега, надоместокот заради попреченост, надоместокот за сместување во згрижувачко семејство итн. Според него „нема доцнење“.

-Во законот не е дефинирано дека исплатата треба да се врши од 1-5 во месецот.  Утре сите ќе бидат исплатени, парите се префрлени во трезорот. Имавме техничка причина за ова, поточно ги менувавме системите внатрешно, изјави Велковски за „Слободен печат“.

Кај лицата со скратено работно време, кај кои државата учествува во покривање на остатокот од платата, нема да има никакво доцнење. Таа исплата е тековна и редовна, исто како што редовно си се исплаќаат и пензиите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот