Сите ученици од ОУ „Лазо Ангеловски“ од утре ќе ја бојкотираат наставата

Ученици / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Откако учениците од ОУ „11 Октомври“ во Центар почнаа бојкот на наставата поради обид таму да се запише ученик со историја на насилно поведение, истото од утре ќе се случува и во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, каде што ученикот првично учел, потврдија за „Слободен печат“ официјално од училиштето.

Бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ за разлика од оној во ОУ „11 Октомври“ ќе се спроведува во сите паралелки од прво до деветто одделение, што практично ќе значи дека од утре таму нема да има настава.

„Родителите бараат да се излезе во пресрет согласно ситуацијата и тоа институционално и да се реши проблемот со преземање мерки од соодветни инстанци“, велат од ОУ „Лазо Ангеловски“ за „Слободен печат“.

Од училиштето за „Слободен печат“ велат дека родителите на учениците во ОУ „Лазо Ангеловски“ бараат институционално решавање на проблемот и да се посвети посебно внимание на истиот.

Родители на ученици во ОУ „Лазо Ангеловски“ велат дека вечерва е закажан Совет на родители но дека сите одделенија се изјасниле за бојкот кој почнува од утрешниот ден.

Како што вчера објави „Слободен печат“, децата од 1 до 4 одделение во ОУ „11 Октомври“ во Центар почнаа да не ги праќаат децата на настава, зашто бил направен обид во училиштето по редовна постапка да се запише ученик кој претходно во ОУ „Лазо Ангеловски“ имал насилно поведение.

Дадовме согласност за редовно да го запишеме детето во училиштето, но бевме доведени во заблуда и од нас беа притаени факти – сокриено беше дека за детето од претходното училиште имало мерки за насилство. Затоа согласноста ја повлековме, изјави вчера за „Слободен печат“ Даница Блажеска, директорка на ОУ „11 Октомври“ во Центар.

Таа додаде дека родителите дошле да го запишат ученикот во ОУ „11 Октомври“ по редовна постапка, што според Блажеска не може да се оствари бидејќи не е според Законот и затоа решила дека согласноста ќе биде повлечена.

-Како училиште ние ја издадовме согласноста, родителот ја однесе во училиштето и од неговото матично училиште почнаа да протекуваат информации до нас, до вработени, до родители дека станува збор за ученик кој има несоодветно однесување. Со цел да ги потврдиме или негираме таквите наводи кои неофицијално стигнуваа до нас, направив неколку обиди да се исконтактираат надлежните во ОУ „Лазо Ангеловски“, но безуспешно. Бидејќи во меѓувреме не добивме никаква официјална информација од училиштето, во меѓувреме родителите од нашето училиште доставија до нас допис до мене, во кој во прилог ми ги доставуваат документите кои потврдуваат дека училиштето „Лазо Ангеловски“ испратило допис до општина Аеродром со која бара посредување за преместување на ученикот во некое друго училиште. Важно е дека доколку за некој ученик е изречена мерка „преместување на ученикот“ во друго училиште, самиот процес на преместување на ученикот го врши училиштето со локалната самоуправа и со Министерството за образование при што училиштето каде што би можел да биде ученикот, треба да биде запознаено со целата постапка и сите дотогаш преземени мерки и активности кон тој ученик. Новото училиште треба да биде подготвено да го прифати детето, да биде спремно со сите ресурси. Во ситуацијата согласноста ја издадовме по редовна постапка, како за ученик кој нема никаква изречена мерка во врска со неговото однесување. Кога ги добивме тие документи од родителите од нашето училиште во официјален допис, ние во тој момент направивме допис до ОУ „Лазо Ангеловски“ дека ја отповикуваме согласноста, дека е правно неиздржана и дека сме доведени во заблуда, вели Блажеска за „Слободен печат“.

Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ велат дека се запознаени со случајот.

МОН е запознаено со посочениот случај, во кој се вклучени и повеќе други институции од различни области. Препораката од Центарот за социјални работи е ученикот да ја промени училишната средина од која бил дел до неодамна, а новата средина е избор на родителите. Ученикот треба и мора да добие нова можност за адаптирање и продолжување со воспитно образовниот процес, што патем е и основно право на секое дете и цениме дека наместо опструирање на обидот, потребна е поддршка од сите чинители. Секако, Министерството за образование и наука е отворено за комуникација, останува на располагање и доколку е потребна поддршка од било каков аспект, истата ќе ја обезбедиме согласно законските можности.

Директорката на ОУ „11 Октомври“ вели дека ја довеле во заблуда и ја повлекла согласноста ученик со несоодветно поведение да учи таму

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот