Сите бегаат од мистрија и метла, стотина илјади бараат работа за да не ја најдат
Градежни работници, хигиеничарки, плочкари, заварувачи, но и камионџии се само дел од отворените работни места во моментов на Агенцијата за вработување во земјава. Се бараат и општи работници, продавачи во трговија, келнери и шанкери, но и готвачи. Од професиите со високо образование има потреба од ИТ и инженерски профили, професори, наставници и негуватели. Лекарите и медицинскиот персонал се високо на ранг-листата на пазарот на трудот, но во државава недостасуваат и електричари и машински оператори, столари и градежни работници.
Препорачано
Според најновите податоци од Агенцијата за вработување на Македонија (АВРСМ), во моментов има 7.196 активни огласи за слободни работни места што ги објавиле работодавачите од цела држава.
Податоците од Агенцијата за вработување, укажуваат на тоа дека најголем број на отворени позиции се во секторите на трговија, преработувачка индустрија, угостителство, транспорт и административни услуги.
Најмногу се бараат работници без и со средна квалификација
Најголем дел од огласите се однесуваат на производствени и општи работници, особено во преработувачката индустрија, логистиката и услужните дејности. Работодаачите често бараат општи работници, магационери, помошен персонал и хигиеничари, позиции за кои не е потребно високо образование. Се бараат продавачи, келнери, готвачи и работници во трговијата и угостителството, особено во поголемите градови и туристичките центри. Овие професии традиционално се меѓу најзастапените во огласите, а побарувачката дополнително расте во летниот период. Покрај општите работни места, значителен број огласи се однесуваат на квалификувани занаетчиски и технички професии.
„Денес добар занаетчија е подеднакво баран како и универзитетски образован кадар“, велат од стопанските комори, додавајќи дека платите во овие професии веќе растат, но интересот сè уште е слаб.
Електричари, машински оператори, заварувачи, возачи и техничари за одржување се меѓу најбараните профили, а работодавачите често истакнуваат дека тешко наоѓаат лица со соодветно практично искуство.
„Имаме огласи што со месеци стојат отворени, бидејќи нема доволно кандидати со она што го бараме“, велат од бизнис-секторот, посочувајќи дека недостигот од стручен кадар станува сериозна пречка за развој.
Ако се анализираат бројките на отворени работни места, во моментов најмногу се бараат општи работници – 386. Отворени позиции за продавачи има 378, а за возачи на камиони – 377. Се бараат и 300 административни службеници, 170 градежни работници, 68 хигиеничарки, над 200 келнери.
Иако по број се помалку застапени, преку Агенцијата се огласуваат и работни места за наставници, инженери, ИТ-кадар, административни службеници и здравствени работници. Токму овие позиции најчесто остануваат подолго време непополнети, што укажува на јаз меѓу понудата на работна сила и реалните потреби на пазарот.
Образованието не е соодветно на потребите
Аналитичарите оценуваат дека состојбата со огласите открива подлабок проблем – иако има слободни работни места, дел од невработените немаат соодветни квалификации или вештини. Според нив причините за ваквата состојба се повеќеслојни: несоодветност меѓу образовниот систем и реалните потреби на пазарот, недоволно практично искуство кај младите, како и континуираното иселување на квалификуван кадар во земјите на Европската Унија.
Според анализите, решението се гледа во зајакнување на стручното образование, поголема соработка меѓу образовните институции и компаниите, како и создавање подобри услови за работа и напредување во земјата. Во спротивно, недостигот од кадар би можел да стане една од главните кочници за економскиот развој на Македонија во наредните години.
Бројките за невработеност во Македонија на прв поглед оставаат впечаток на постепено подобрување. Официјалната стапка на невработеност се движи околу 12 проценти, а бројот на луѓе што активно бараат работа е под 100 илјади. Но, зад овие податоци се крие значително посложена слика, во која клучна улога има категоријата т.н. пасивни баратели на работа, чиј број се проценува на 40 до 45 илјади. Овие граѓани формално не бараат работа. Економските аналитичари укажуваат дека оваа категорија често е резултат на долгогодишна невработеност, ниски плати и несоодветни работни услови.


