Протест Кочани Фото: EPAEFE/GEORGI LICOVSKI

„Синко мој, направи им добра новогодишна забава на ангелите, како што правеше овде“, рече мајката на диџејот што загина во „Пулс“

Во пресрет на новогодишните празници тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили во трагедијата во дискотеката „Пулс“ одекнува погласно од секоја празнична врева. На денешниот Марш за ангелите, протестен собир кој се одржува во Кочани секоја сабота, родителите со емотивни говори ја изразија својата болка и тага за загубата на нивните деца, болка која во празнични услови уште повеќе пече.

Мајката на едно од загинатите момчиња кое беше диџеј, прочита потресно писмо посветено на својот син и на неговите пријатели, кои својата прва Нова година, наместо со најблиските, ја „дочекуваат“ на небото. Таа му порача да направи добра новогодишна забава меѓу ангелите онака како што го правел тоа додека се занимавал со музика во својот живот.

Во емотивната порака, таа се присетува дека овие денови требало да бидат исполнети со договори каде младите ќе ја дочекаат најлудата ноќ. Наместо смеа и радост, останале тишината и болката од спомените.

„Требаше овде да се слуша вашиот глас, вашата смеа и љубов. Но, наместо тоа, остана само тишина, крик, болка и солзи. Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши. Славете како што славевте – радосни и разиграни како таа кобна ноќ“, пишува мајката.

Писмото ја отсликува најтешката реалност за секој родител – посетата на вечните почивалишта наместо заедничката празнична трпеза. Таа вели дека е свесна оти најголемата желба, повторно да ги прегрне своите деца, е невозможна, па затоа упатува друга, подлабока молба.

„Имаме уште една желба – правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека постои правда“, стои во пораката, изразувајќи го копнежот за правно и морално разрешување на трагедијата која засекогаш промени многу животи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот