Синдромот на самоуништувањето ја уби среќата на живеењето

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Секое зошто, има и свое затоа. И секоја причина создава одредена последица. Кај нас последиците се страшни, во секој домен. Причините ги знаеме, но не само што ништо не преземаме за да ги спречиме штетните последици, туку ние упорно триесет години ги повторуваме.

Културната одлика на еден народ, кој е одржавотворен во една посебна државно оградена територијална заедница, репрезентиран како нација-држава во модерниот 21 век, можеби е главната карактеристика што народите ги дели на богати и сиромашни, успешни и неуспешни, напредни и заостанати и во ред други аспекти на дихотомиската поставеност. Всушност, односот, т.е. етиката кон работата, кон природата, кон државата, кон другите сограѓани со кои го делите истиот животен простор е главна водилка денес, на пример, на скандинавските нации, на западноевропските, во САД, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и во Нов Зеланд, што ги прави најубави места за живеење според сите параметри со кои се мери, пред сè, квалитетот на  животот на еден човек. Не случајно тие се и врвот на скалата „најсреќни земји за живеење“, односно нивните граѓани се најсреќни кога се мери и индексот на среќата на живеење. За жал, спротивно од нив, нашата земја и ние како нејзини граѓани се наоѓаме на другата страна од отсечката, која нè карактеризира во држави во кои, според сите општествени параметри, не би сакале да живеете. Уште потрагично е што на мерилото за среќа Македонците, воедно и македонските граѓани, се едни од најнесреќните не само во балканските, туку и во светски рамки, каде што ретко кој некаде во некоја земја е вистински среќен.

Среќата со пари (не) се купува?!

Што (не) научивме во овие три децении независност, односно како стигнавме дотука? Среќата со пари не се купува, но парите го прават животот убав или задоволителен, да не се лажеме. Не може вие да се чувствувате среќно, убаво или да имате исполнет живот, доколку имате плата од 250-300 евра, во земја во која трошоците за живот веќе по ништо не се разликуваат од тие во Германија, економскиот мотор и стопанскиот џин на самата Европска Унија. Вујко ми од Швајцарија, кој триесет години во најсредената и најбогатата светска земја ја градел својата иднина, среќата и иднината на својата фамилија, едноставно е зачуден и запрепастен како ние како луѓе успеваме да го протуркаме месецот со нашите примања, да ги платиме режиските трошоци и да поставиме храна на нашите трпези, трипати на ден. И вели: „Македонките мора да се многу големи домаќинки штом со овие плати, а со вакви европски цени, успеваат да водат едно домаќинство“. Дали се Македонките или Македонците, големи домаќин(к)и не знам, но едно знам: Македонија тоне во своето сивило на неподнослива леснотија на меланхоличното живеење, без изгледни шанси тоа во догледна иднина да се промени на подобро. Како што стојат работите, само на полошо, веројатно. Неверојатно е како за цели три децении ние не успеавме да се помрднеме од мртвата точка, напротив, успеавме дури и да регресираме од секој аспект на тоа што значи колективно/национално живеење.

Последиците се и повеќе од трагични: според податоците на ММФ и на Светската банка, повеќе од 500.000 македонски граѓани се иселени најчесто во западноевропските и во прекуокеанските земји, трајно, за да си ја бараат својата среќа надвор од најзагадените градови во светски рамки во последниве петнаесетина години. Тие што останаа мака мачат да врзат крај со крај и сè повеќе гледаме зомбирани луѓе што скитаат со празен поглед низ улиците. Загрижени за својата, но и за иднината на своето семејство. Која никаде ја нема. Или таа е лоша и сурова.

Македонија во целиот пандемиски период на ковид-19 уриваше рекорди по смртност. Не сум стручно лице за темата и секогаш сум бил воздржан да коментирам теми што не се дел од мојата област, особено вакви медицински, но мојата теза во врска со прашањето зошто Македонците се први по смртност од ковид-19, дури во светски рамки, е дека во суштина ние сме премногу болен народ. Психички и физички. Болни со внатрешни болести, дали кардиоваскуларни, дијабетски или од друг тип, на кои короната им беше само катализатор. Комбинирано со нездравиот физички начин на живот, неодговорноста кон сопственото, но и кон колективното национално здравје, сето тоа беше смртоносен коктел што нè искачи на пиедесталот на најлошата скала во изминатите две години. Овој пат „данокот во крв“ можеби е многу пострашен од тој пред неколку векови кога Турците-Османлии го земале од македонскиот народ. Секое зошто, има и свое затоа. И секоја причина создава одредена последица. Кај нас последиците се страшни, во секој домен. Причините ги знаеме, но не само што ништо не преземаме да ги поправиме и да ги надминеме за да ги спречиме штетните последици, туку ние упорно триесет години по ред ги повторуваме. Заглавени во некој Стокхолмски синдром на самоуништување. Во безизлез. Или излез во еден правец. Со бугарскиот пасош в рака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот