Синдикат на Клинички: Фондот за здравство ангажирал фирма за рачно да почнат да се обработуваат платите и боледувањата

Фото: Драган Митрески

Од директорката на ФЗОМ, Магдалена Филиповска Грашковска, добивме информација дека ангажирале фирма рачно да ги внесува податоците за исплата на платите на здравствените работници и за исплата на боледувањата и дека најдоцна до понеделник ќе се решела ситуацијата. Револтот кај колегите е на максимално ниво. Ако тоа не се случи и ако најдоцна до понеделник не се исплатени платите, во вторник ќе свикаме извршен одбор и совет на Синдикатот на Клинички центар, по што ќе следува прво протест, а после тоа и штрајк, изјави за „Слободен печат“ потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, доктор Предраг Серафимовски.

Фондот за здравство денеска го пречекори законскиот рок за исплата на плата на медицинарите. Незадоволството кај лекарите, сестрите, болничарите и другиот медицински персонал е огромно. Незадоволни се и жените на породилно отсуство, бидејќи ни за нив нема средства откако системот на ФЗОМ веќе деветти ден е хакиран.

Доктор Марија Андоновска од Клинички центар вели дека немањето информации како е можно систем што би требало да е софистициран да биде хакиран, отвора низа прашања и сомнежи, покрај тоа што незадоволството кај колегите е огромно што се доцни со исплатата.

-Чекавме до петнаесетти, кога е законскиот рок да ни бидат исплатени платите. Очигледно е дека платите не пристигнаа. Затоа ќе им дадеме предност на синдикатите, да видиме дали тие ќе предложат некакви мерки за незадоволството кое е големо. Не можеме да молчиме. Но, доколку синдикатите не реагираат тогаш ќе почнеме со протест, кој на почетокот ќе трае триесет минути за време на паузата, ден или два. Доколку и понатаму не се исплатат побарувањата, тогаш ќе ги прошириме протестите. Познавачите велат дека ако се сака, може да се исплати и плата и боледување иако системот е хакиран, дека може да се обезбедат плаќањата. Што ме води кон друг сомнеж, што е позадината зад сето ова? Немањето информации дополнително загрижува. Дали можеби, состојбата е начин на кој што треба да се прикријат недостатоците констатирани во ревизорскиот извештај за Фондот? Ако излеземе на протест, верувам дека ќе има одговори и на тие прашања, вели за „Слободен печат“ доктор Марија Андоновска.

Системот на Фондот за здравство е хакиран веќе десетти ден. Не се исплаќаат рефундации за лекови, боледувања, а проблем настана и со платите на медицинскиот персонал. Матичните лекари велат дека не знаат како да ги советуваат пациентите кои доаѓаат од затворени ординации на пензионирани матични лекари. За нив нема како да се изврши уписот кај нов матичен лекар. Целата ситуација предизвика револт кај граѓаните кои не можат да добијат сервисна услуга.

За јануари никој нема земено породилно. ФЗОМ соопшти дека постепено ќе се враќа функционалноста на системите на што работат технички тимови. Од Министерството за внатрешни работи каде е пријавен хакерскиот напад за „Слободен печат“ изјавија дека според нивните информации, сите анализи покажуваат дека не постои излевање на податоци надвор од базите на Фондот односно дека базата на податоци не е украдена.

Од Фондот пак, велат дека клауд платформата е подготвена за миграција, но миграцијата уште не е почната и не била започната ни пред сајбер нападот. Хакерскиот напад ги потврди повеќегодишните предупредувања на државниот ревизор за слабостите на системот на ФЗОМ особено после евентуални катастрофи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот