Синдикалците не попуштаат: Пари ќе има ако сите газди редовно си ги плаќаат давачките
Од ССМ сметаат дека и утре да се зголеми минималецот, тоа ќе биде надминато, бидејќи од декември до сега потрошувачката кошница е поскапена за 4.600 денари, а инфлацијата е 3,6 отсто. Недозволиво е само македонските работници да останат со најниски минимални плати во регионот, а згора на тоа дури 35.000 трудбеници сега се платени под 22.500 денари, а други 9.000 земаат плата повисока од 1 до 50 денари од минималната, поентираше Трендафилов.
Во Буџетот има доволно пари за зголемување на минималната плата на 450 евра, а државата треба да си ги подбере должниците, оти само работодавачите должат над 200 милиони евра за придонеси за здравствено, пензиско и социјално осигурување, порача Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите. Тој потсети и дека се ветуваше намалување на платите на функционерите што лани се зголемија за 78 отсто, а барањето на Синдикатот за укинување на таа привилегија, чмае заклучено во некоја фиока.
Препорачано
Претседателот на ССМ е зачуден што и од новата власт нема никакви сигнали дека тоа ќе се случи во скоро време, па дури има најави дека „некои функционери ќе ги напуштат функциите, ако се намалеле платите“. Трендафилов додаде дека барањето за средба со премиерот Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за минималната плата е веќе испратено до Владата и се чека повратен одговор, но трпението на работниците е при крај. Од ССМ сметаат дека и утре да се зголеми минималната плата, тоа ќе биде надминато, бидејќи од декември до сега потрошувачката кошница е поскапена за 4.600 денари, а инфлацијата е 3,6 отсто.
Згора на тоа, земјите од регионот веќе најавија дека работат на зголемување на минималецот – во Црна Гора тој ќе се движи од 600 до 800 евра, а бугарските и српските синдикати нема да прифатат минимална плата под 500 евра. Недозволиво е само македонските работници да останат со најниски минимални плати во регионот, а згора на тоа дури 35.000 трудбеници сега се платени под 22.500 денари, а други 9.000 земаат плата повисока од 1 до 50 денари од минималната, поентираше Трендафилов.
– Политичарите го бараа и го добија гласот на работниците на изборите. Сега очекуваме да им вратат со тоа што достоинствено ќе го ценат нивниот труд. Не сум загрижен од најавите дека функционери од новата власт ќе си заминеле од позицијата ако им се намалела платата. Повеќе сум загрижен дека во државата веќе нема да останат работници. Повторно ли ќе се сведеме на рекламната кампања дека Македонија е елдорадо за странските инвеститори поради ниските плати – праша Трендафилов.
Од ССМ побараа итно да се потпише Општиот колективен договор за приватниот сектор, да се вратат јубилејните награди. За јавниот сектор исто така е неопходно потпишување на колективните одговори за од март 2025 година, тие да добијат зголемени плати за 15 отсто.
– Образованието, полицијата и културата не добија зголемување бидејќи поради изборите не се потпишаа колективните договори и тие се револтирани – порача Трендафилов. Тој уште еднаш потсети дека нивен социјален партнер е само Организацијата на работодавачите, а не и Стопанската комора на Македонија и повторни дека не смее да се чепка неделата неработен ден.
ССМ бара враќање на зградата што судијата Георгиев им ја одзема
ССМ упатил барање до Владата и до Врховниот суд за враќање на зградата на Работничкиот дом. Претседателот Трендафилов потсети дека судијата Наќе Георгиев беше еден од тројцата судии што гласале за ваквата одлука, а сега го судат за примање награда за незаконско влијание.
– Еден од останатите врховни судии, кои исто така ја донесоа оваа одлука според нашите сознанија, е сместен во Судскиот совет и сега се оградува од делувањето на Георгиев. Јавно прашуваме дали некој примил поткуп за да ни биде одземена зградата – праша претседателот на ССМ.
Трендафилов најави дека на почетокот на септември во земјава по вторпат ќе дојде претседателот на Европската синдикална конфедерација и ќе има средби во Владата со премиерот и со министрите, а една од темите е и одземањето на зградата на ССМ.
78 години на ССМ – 19 грански синдикати и 70 илјади членови
Сојузот на синдикатите на Македонија денес е единствениот репрезентативен синдикат и потписник на Општите колективни договори во јавниот и во приватниот сектор.
Според претседателот Слободан Трендафилов, во годината кога одбележува 78 години од постоењето, со напорна работа и континуирани активности, ССМ ја задржа својата позиција на заштитник на работниците, репрезентативен синдикат и национален социјален партнер. Воедно, поентираше Трендафилов, ССМ и понатаму е најбројниот синдикат во државата, кој брои 19 грански синдикати и близу 70.000 членови и сите го препознаваат.
Инаку, првиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија со тогашен назив Единствени синдикати на работниците и намештниците на Македонија се одржал од 18 до 21 август 1946 година во Скопје, Македонија. Периодот од првиот Конгрес на ССМ па наваму има големо значење за работничката класа, а ССМ како класна работничка организација ја опфаќал речиси целата работничка класа во Македонија.
Средба Трендафилов-Дурмиши
Минатиот месец претседателот на ССМ Слободан Трендафилов се сретнал и со новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши, каде што уште еднаш било истакнато дека работниците очекуваат зголемување на минималната плата, а следствено на тоа и зголемување на другите плати.
– Три месеци цените растат и без раст на платите, па оттука не држи изговорот дека платите ќе предизвикаат раст на цените, а во меѓувреме работодавачите енормно го зголемија капиталот на сметка и на грбот на работниците, па затоа не смее да се дозволи работниците да бидат доведени во состојба да работат, а да бидат сиромашни – рече Трендафилов.


