Гордана Сиљановска Давкова/ Фото: Кабинет на претседателката на РМ

Сиљановска-Давкова: Венецијанската комисија не е само тело на правни умови, таа е жива совест на уставната демократија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Венеција се обрати на свеченото одбележување на 35-годишнината од основањето на Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа.

За претседателката одбележувањето на 35-годишнината, не е само свечен чин, туку нејзино враќање дома, како професорка по уставно право, поранешна членка на Комисијата и како претседателка на држава којашто во сложениот процес на демократска транзиција и консолидација добила помош од Венецијанската комисија.

Комисијата започна како заедница од осумнаесет земји, обединети од надеж, неопходност и длабока верба во правото како мост кон мир. Денес, тој круг се прошири на 61 член. Семејството порасна, а со тоа и неговата должност. Тоа не е само консултативно тело кое дава мислења за устави и закони, туку компетентен советник за уставни прашања, чувар на владеењето на правото, медијатор во време на длабока поделба и придружник на народите кои го бараат својот демократски пат, рече Сиљановска – Давкова.

Таа се заблагодари за укажаната доверба и самата да учествува во обликувањето на демократските приказни на земјите од Централна и Источна Европа.

Според неа, независноста, експертизата и човечноста во работата, ја прават комисијата уникатно тело, коешто не е само збир на правни умови, туку и жива совест на уставната демократија.

За претседателката, најсилната страна на Комисијата била и е способноста да гради мостови меѓу истокот и западот, северот и југот, меѓу теоријата и праксата, меѓу правото и самиот живот.

Кога се роди Венецијанската комисија, таа се засноваше на верба: верба во правото, верба во дијалогот и верба во демократијата. Таа верба нè води со децении. Како и да е, вербата, сама по себе, никогаш не е доволна. Мора постојано да се обновува преку нашата работа, нашата храброст и нашето сочувство. Затоа, додека ја одбележуваме оваа годишнина, да се потсетиме што ја прави оваа институција единствена: нејзината независност, нејзината експертиза и нејзината човечност. Венецијанската комисија не е само тело на правни умови; таа е жива совест на уставната демократија. Нека оваа прослава не биде само размислување за минатото, туку и повик кон иднината, иднина во која Венецијанската комисија, мојата Комисија, продолжува да свети како светилник на интегритет, мудрост и надеж, порача претседателката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот