Швајцарска студија: Зрачењето на мобилниот телефон влијае на бројот на сперматозоиди

Илустративна фотографија / Unsplash-Luis Villasmil

За да одговорат дали близината до мобилен телефон влијае на бројот на сперматозоиди, истражувачите од Универзитетот во Женева (УНИГЕ) ја проучувале спермата на 2.886 швајцарски мажи на возраст од 18 до 22 години, пренесува „Медикал њус тудеј“.

Сите учесници биле регрутирани помеѓу 2008 и 2021 година и на научниците редовно им давале примероци на сперма, а одговарале и на прашалникот за своето здравје и начинот на живот, особено за бројот на часови што ги поминале на своите телефони и каде ги чувале кога не ги користеле.

Студијата е објавена во „Фертилити енд стерилити“ (Fertility and Sterility), а според нејзините наоди, бројот на сперматозоиди и концентрацијата на сперматозоиди биле значително повисоки кај групата мажи кои користеле мобилни телефони само еднаш неделно.

За мажите кои рекле дека ги користат своите телефони 20 или повеќе пати на ден, истражувачите откриле дека имаат 21 отсто поголем ризик да имаат помал број на сперматозоиди, како и 30 отсто поголем ризик да имаат пониска концентрација на сперма, што е број на сперматозоиди во милилитар сперма.

Мажите кои ги користеле своите телефони повеќе од 20 пати на ден имале уште поголем ризик од оние горенаведените, а исто така биле потешки и имале повисок индекс на телесна маса (БМИ).

Со оглед на тоа колку мобилните телефони се составен дел од нашиот секојдневен живот, овие податоци можеби се загрижувачки, но студијата исто така покажа дека чувањето мобилен телефон во џеб од панталони не е поврзано со помал број на сперматозоиди.

Дополнително, важно е дека истражувачите од оваа студија не пронајдоа конзистентна врска помеѓу употребата на мобилен телефон и подвижноста, големината и обликот на спермата.

„Иако бројот на сперматозоиди е важен, способноста за пливање, здравата непроменета ДНК и правилната форма се исто толку важни“, изјави за „Си-ен-ен“, Алисон Кембел, главен научен директор на „Кер фертилити“.

Друг интересен аспект на студијата е дека врската помеѓу користењето телефон и бројот на сперматозоиди полека слабеела во текот на 13-те години од студијата.

Според истражувачите, оваа врска била најизразена помеѓу првиот период на истражувањето, а потоа постепено се намалувала. Истражувачите напишаа дека тоа е целосно во согласност со преминот кон нови технологии, главно од 2Г на 3Г и 4Г и намалувањето на излезната моќност на мобилните телефони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот