Штрајкот на грчките земјоделци полека ни ги качува цените на храната
Трговците од Кванташкиот пазар признаваат дека засега влијанието на штрајкот на грчките земјоделци, не се чувствува толку, но пораст на цените има кај доматите, пиперките, јужното овошје, но и кај сите свежи увозни производи. Речиси 96 отсто од целата стока што доаѓа во земјава се носи со камиони, а земјоделските производи пристигнуваат од Турција и Грција, но и од Албанија
Целиот дотур на стока и свежите производи што треба да стигнат до македонските маркети и пазари, деновиве се одвива по алтернативни патишта, потврдува за „Слободен печат“ Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата „Макамтранс“. Таа вели дека превозниците морале да се прилагодат на условите што ги поставуваат грчките земјоделци, кои повеќе од десетина денови ги блокираат граничните премини. Според Муратовска, првиот и вториот ден доживеале шок, но потоа морале да се снаоѓаат како и секогаш. За среќа, освен грчките камиони со свежи производи, се пропуштаат и нашите транспортери и тоа според закажаните термини. Поради оваа ситуација, дотурот на стока е забавен, а транспортерите ја зголемуваат километражата и трошоците за превоз, децидна е Муратовска.
Препорачано
Во меѓувреме, почнаа да скокаат цените на некои земјоделски производи, а најголем пораст има кај свежите краставици, кои за една недела поскапеа за дури 50 отсто. Трговците од Кванташкиот пазар, признаваат дека засега влијанието на штрајкот на грчките земјоделци не се чувствува толку, но пораст на цените има и кај доматите, пиперките, јужното овошје, но и кај сите производи што доаѓаат од увоз. Тие брифираат дека декември е најфреквентен месец, оти сите трговци сакаат да имаат полни рафтови, но последните настани имаат свое влијание и врз цените.
Земјоделците во Грција веќе десетина дена ги блокираат националните автопати и граничните премини, протестирајќи поради повеќемесечното доцнење во исплатата на субвенциите од ЕУ. На граничниот премин Евзони, паркирани се повеќе од 300 трактори, а веќе десет дена грчките земјоделци периодично го затвораат патот за сообраќај. Блокови се поставени и на другите гранични премини, на Ники (Меџитлија) кон Македонија, каде што секојдневно се одлучува дали и на колку време ќе се блокира сообраќајот, на Промахноас и Орменио кон Бугарија и на Кипи кон Турција забраната се однесува само на камиони.
– Постојано се соочуваме со блокади, веќе сме навикнати, но возењето по алтернативни патишта ги зголемува трошоците за превоз, кои потоа се префрлуваат на крајната цена. Речиси 96 отсто од целата стока што доаѓа во земјава ја носиме со камиони, а свежите производи пристигнуваат од Турција и Грција. Во последниве денови има зголемен обем на превози и од Албанија. За среќа грчките власти, се придржуваат кон ветувањето дека нема да има застој кај свежите производи – објаснува Муратовска.
Трговците од зелените пазари велат дека секогаш кога има вакви застои, цените растат, особено што дури 80 отсто од храната на нашите трпези е од увоз. Јадеме хрватски, египетски, француски и германски компир. Кромидот ни доаѓа од Холандија, лукот од Кина или од Иран, морковот е исто така од Египет, а од Киргистан и Египет, па дури и од Мадагаскар го правиме нашето гравче-тавче. Пред Божиќ се појавија и костените, оревите и другите јаткасти плодови, кои се гордеат со називот „македонски“, а всушност патуваат од далечната Кина, Турција, Иран, Индија. Краставиците се од Албанија и од Грција, а сувото овошје е исто така од сончевата Турција. Па дури и „струмичките“ кикирики се од Аргентина и од Турција. Освен свинското месо, кое сме способни да го произведеме дома и да го има доволно, сè друго доаѓа замрзнато од Аргентина, Бразил, Австрија и Италија, Хрватска и од Словенија.


