Што сака и што нема да добие Зеленски од Бајден?
Украинскиот претседател Володомир Зеленски најави дека денеска ќе замине за Вашингтон, во својата прва официјална посета откако започна војната во неговата земја. Како што јавија западните медиуми, се очекува тој од администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден да побара дополнителна помош за да им се спротивстави на руските трупи.
Препорачано
Ваквата посета ги изненади американските конгресмени, а малку кој знае што точно ќе се одвива и преговара за време на неговото патување.
Но, како што пишува „Политико“, американската и украинската страна со недели ја планирале оваа посета. САД се покажа како земја која најсилно ја поддржа Украина во својата војна против Русија, постојано испраќајќи огромни средства, кои понекогаш често беа критикувани од страна на некои Американци.
На 11 декември, првиот човек на САД го поканил Зеленски повторно да ја посети Белата куќа и да разговараат за тоа како ќе се развиваат настаните на бојното поле и начините на кои САД можат да помогнат, велат извори на „Политико“.

Киев директно стапиле до администрацијата на Бајден, барајќи поголем број оружје, кое ќе можат да го искористат на „нивниот пат до победа“. Но, САД засега се неодлучни.
Ова прашање се очекува да биде доминантно на денешната средба. Од Зеленски се очекува да одржи говор пред Конгресот, каде потребата од оружје за Украина веројатно неколку пати ќе биде споменета.
„На Украинците им е потребно оружје со поголем дострел за да му овозможи да ја спречи очекуваната руска офанзива“, рече Бил Тејлор, поранешен амбасадор на САД во Украина. „Нему му е потребна итна финансиска поддршка за да продолжи да работи неговата влада и знае дека Конгресот ќе донесе одлуки за овие прашања оваа недела“.
Иако администрацијата на Бајден вети дека ќе ја продолжи поддршката за Киев, официјалните лица од Вашингтон не се сигурни дали ќе и испратат ресурси на Украина кои би можеле да се користат во оружјете со поголем дострел. Тие стравуваат дека таквото оружје може да се искористи и за напади надвор од границите на Украина, односно напад врз Русија, што би значело дополнителна ескалација на конлфиктот.
Изворите блиски до Белата куќа кои ги контактирал бриселскиот медиум сметаат дека за време на состанокот на Бајден и неговиот тим за национална безбедност, се очекува украинската делегација да упати уште една рунда молби за армиски тактички ракетни системи со долг дострел, или „АТАКМС“, и беспилотни летала „Греј игл“ и „Рипер“.

Засега, Белата куќа одбива да го испрати системот „АТАКМС“ на Украина. Тие сметаат дека ризикот за тоа е преголем. Според нив, испраќањето на такви системи би го поттикнале рускиот лидер Владимир Путин да користи уште поопасно оружје врз украинската територија.
Ова беше големо разочарување за украинската страна. Ваквото двоумење ги принуди официјалните лица на Киев да бараат помош од останатите сојузници.
„За нас стратегијата е да продолжиме да напаѓаме бидејќи не можеме да си дозволиме да ја замрзнеме линијата на фронтот. Треба постојано да притискаме“, рече Олександр Даниљук, поранешен советник за национална безбедност на Украина. „Ние ја достигнавме границата на она што можеме да го направиме со напредното оружје што САД веќе го обезбедија. За следната фаза ни треба оружје со поголем дострел за да ги постигнеме нашите цели“.
Од самиот почеток на војната, Украинците бараа понапредно оружје, а западните сојузници – иако можеби не со очекуваното брзо темпо – се обидуваат да и го достават тоа. Според изворите, се вели дека Бајден денеска ќе објави нова воена помош од 2 милијарди долари за Украина, кои ќе ги вклучуваат противвоздушните системи „Патриот“. Покрај ова, се очекува испраќање на муниција во вредност од 850 милиони долари.
Одлуката за испраќање на системот „Патриот“ ги изненади и самите Украинци. Тоа е барање кое тие го имаа од многу одамна. Експертите сметаат дека тоа би било големо дополнување на украинската одбрана.

Но, ова не е доволно за Украина, бидејќи тие сакаат да ја зајакнат и офанзивата, не само одбраната. За администрацијата на Бајден исто така важна е и инфраструктурата на Украина. Струјата е голем проблем за украинските градови, вклучително и Киев, каде 80 % од градот е без електрична енергија.
„Оваа поддршка не се однесува само на она што го направивме претходно, туку на она што ќе го направиме денес и што ќе продолжиме да го правиме онолку долго колку што е потребно“, изјави висок претставник на САД. „Знаеме дека во наредните денови конфликтот ќе продолжи. Зимата ќе биде тешка и ние ќе продолжиме од ден на ден да даваме критична поддршка на украинскиот народ“.
И САД и Украина веруваат дека посетата на Зеленски е добар знак за остатокот од светот.
„Како што одиме подлабоко во зимата, додека продолжуваме да и ги обезбедуваме на Украина способностите и потребите на бојното поле, додека продолжуваме да ја зголемуваме дипломатската поддршка и солидарноста кон Украина – овој момент се чинеше како добра можност за нив да можат да го имаат овој ангажман и претседателот Зеленски да ја има оваа можност да му се обрати на американскиот народ“, изјави високиот претставник на администрацијата за новинарите.


