Што прави денеска: Ружица Милошеска – Брчиоска, пејачка на „Ареа“

Ружица Милошеска - Брчиоска/Фото: Приватна архива

Моќен и уникатен вокал, специфичен имиџ, енергичен перформанс на сцена, рок-икона – тоа е пејачката и кантавторка Ружица од „Ареа“. Безвременските хитови на култниот македонски бенд „Ареа“, меѓу кои, „Сите мои слики“, „Одведи ме“, „Нешто недостасува“, „Јас сум ти пријател“, „Да пеам… сепак можам!“, ги пејат генерации и генерации. А, токму Ружица и Ивица, музичкo – брачната двојка со секоја песна нѐ потсетуваат дека сѐ уште постои квалитетна музика на овие простори.

Овој пат Ружица ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие.

Ружица Милошеска – Брчиоска/Фото: Приватна архива

„Работниот ден ми започна со рано будење (околу 6 часот), малку невообичаено за уметниците, за кои е познато дека повеќето од нив стануваат доцна, бидејќи ноќе творат, но јас ете, покрај работата со музиката, работам и како електро-инженер во АД ЕСМ и работното време ми почнува во 7 часот.
Утринското кафе го пијам на работното место, па дури тогаш денот вистински ми започнува. Работните обврски со задоволство ги извршував, со постојана комуникација и соработка со колегите од електро-браншата, а работниот ден ми завршува во 15 часот, кога се прибирам дома на ручек со моите блиски.

Денеска нашата ќерка Елена пријатно нѐ изненади со тоа што приготви ручек за паметење – „паста кватро формаџо“, ручек кој навистина беше вкусен и по што мораше да вети дека ќе го повтори наскоро.Инаку, како по правило, по ручекот е она време кога можеме вистински да се видиме и да разговараме за секојдневните потреби и активности, а денеска го проширивме муабетот на малку подлабоки теми, како смислата на животот и состојбите во светот. И како и секогаш, секој го искажува своето мислење и ставовите се разидуваат, но сепак, тоа го сфаќаме како нормално, тоа е начинот на кој учиме еден од друг.

Ружица Милошеска – Брчиоска/Фото: Приватна архива

По задолжителниот одмор попладнето, вечерта ќе ја поминам со Ивица во студио, каде што го разгледуваме и дотерувавме материјалот за новиот албум на „Ареа“, кој е веќе речиси комплетен и кој здравје, напролет, би требало да го издадеме.

Во текот на работната недела немам премногу време за излегување или дружење со пријателите, но тоа секако го правам за време на викендот, кој секогаш, како и сите вработени, со нетрпение го очекувам.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот