Што откри пописот: Во РСМ живеат и Југословени, се говори и српскохрватски, но и хрватскосрпски јазик…

Фото: Слободен печат

Вкупното резидентно население на Република Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1 836 713 жители. Од нив, 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи, покажаа резултатите од Пописот на население, домаќинства и становите во РСМ 2о21.

Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 % – се во возрасната група од 40-44 години. Куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.

Според изјаснувањето за етничка припадност, 58.44 % проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24.30 % проценти како Албанци, 3.86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47 % како Власи, 1.30 % како Срби и 0.87 % како Бошњаци и др. Интересно е што, 30 години по распаѓањето на СФРЈ, 344 наши сограѓани се попишале како Југословени, а меѓу поголемите заедници е и онаа на Торбешите со -4 174 припадници, а 455 граѓани се попишале како Македонци – муслимани, а 1.187 граѓани под етничка припадност запишале дека се муслимани.

Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој Попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти, харе кришна и други.

61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик, 3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик. 416 граѓани се попишале дека зборуваат српскохрватски јазик, додека 34 говореле хрватскосрпски јазик.

Според податоците српскохрватскиот јазик се зборува во 144 домаќинства, додека хрватскосрпскиот во 9 домаќинства, покажаа резултатите од Пописот 2021.

Бројот на домаќинства изнесува 598 632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.

Во рамките на Пописот 2021 беше овозможено македонските државјани кои живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација која беше достапна на веб-страницата за Попис.

Оваа можност ја искористија 258 932 наши сонародници од кои 24.55 % се изјаснија како Македонци, 66.42 % како Албанци, 4.78 % како Турци и др. Оваа категорија граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот