Што ќе им е на Ковачевски и Петков „Ванчо Михајлов“ во Битола?!

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

За споредба: што мислите, кога ќе се постигнеше Преспанскиот договор во Грција да требаше Алексис Ципрас да преговара со тамошните каракачановци, грчката „Златна зора“, за „македонското прашање“? Никогаш.

Ќе им се направеше голема услуга на неколкуте илјади наши сограѓани Бугари кои живеат во Македонија доколку државата, сепак, не се согласеше да даде дозвола за отворање на бугарскиот „културен“ центар во Битола што го носи името на Ванчо Михајлов. Покојниот е еден од историски најдобро документираните организатори на убиства на Македонци и Бугари пред и за време на Втората светска војна, а во неговото политичко делување нема ништо контроверзно: тој е високо рангиран балкански фашист од насоката големобугарска идеологија, поддржана директно од Хитлер и неговите фашистички соработници во тогашна Софија. Што се виновни сите Бугари во Македонија, едно од најмалите етнички малцинства во земјава, да ја носат врз себе општествената стигма на овој „културен“ центар во Битола, востановен од страна на антимакедонските активисти на големобугарската идеологија во Македонија? Тие „рестлови“ од сите можни вмровски (и дпмнеовски) историски и актуелни „инсталации“ и денеска не се на чисто точно за која канцеларија, една или повеќе, од регионалните тајни служби работат…

Ќе му направевме голема услуга и на бугарскиот премиер Кирил Петков и на неговата демократска и проевропска идеолошка ориентација во актуелната Бугарска влада доколку македонската држава не го дозволеше отворањето на овој центар во Битола под тоа име. Балканските национал-шовинисти како Каракачанов, Радев и Захариева, на пример, се едно исклучително простачко друштво кога се овој вид на политички провокации во прашање. Можеби треба да се очекува Бугарија да побара и во „механизмот“ на историската комисија која се обидува да ги усогласи позициите меѓу двете страни во разговорите да се постави прашањето и за Ванчо Михајлов?! Со согласноста за отворање на центарот „Ванчо Михајлов“ во Битола Македонската влада не е поблиску до наоѓањето компромис за укинување на бугарското вето за ЕУ, туку ги слабее и онака проблематичните позиции по прашањето за Македонија и ЕУ на Петков во Бугарија.

За споредба: што мислите, кога ќе се постигнеше Преспанскиот договор во Грција да требаше Алексис Ципрас да преговара со тамошните каракачановци, грчката „Златна зора“, за „македонското прашање“? Никогаш.

Конечно, и самиот актуелен македонски премиер Ковачевски си направи не мала контрауслуга за сопствените политички позиции во Македонија правејќи ја оваа отстапка во корист на штетата на Петков. Се добива впечаток дека Ковачевски кон Петков го „копира“ односот на Заев кон Борисов, обидувајќи се на својот бугарски колега да му обезбеди поголем маневарски простор за симнување на бугарското евро-интегративно вето за нас, но знаеме како заврши тоа за политичките кариери на Заев и Борисов, а и за ставот на Бугарија во однос на ветото.

Се разбира, центарот во Битола нема никакво друго „двигателно“ политичко или културно значење, освен симболичното на ниво на приземните бугарски провокации во земјава. Оној дел од власта во Софија кој мислеше дека со политиката на форсирано издавање на стотина илјади бугарски пасоши на Македонците „механички“ ќе им ја промени етничката самосвест, во таквата намера излезе „дебело“ поразен и во тукашниот попис и на тамошните парламентарни избори, а големината на бројката на тие „штанцани“ пасоши може допрва, во годините што доаѓаат, да создаде непредвидливи внатрешно-политички проблеми во самата Бугарија. Овој центар во Битола е со уште помал потенцијал за некакво бугарско „освестување“ на Македонците, а само ќе ја искомпликува општествената положба на неколкуте илјади овдешни наши сограѓани, Бугари.

Македонскиот прогрес кон Европа е во „нозете“ на бугарската политика: тие или ќе ја надминат својата државна тесноградост кон нас или нема. Таман работа ако треба „повампирувањетоа“ на ликот и делото на Ванчо Михајлов – и тоа под „палката“ на Ковачевски и Петков – да биде пресуден за тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот