Што е тоа политика, а што се тоа избори

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Од нас се бара непречен изборен процес, бидејќи нашата земја денес има многу поголема тежина во Европа и светот. Во време на масовна пандемија, најважно ќе биде одржувањето на демократските избори, а со самото тоа ќе биде многу важно да се сочуваат човековите права, а особено слободата на говорот. Оттука, уште еден важен елемент: потребна е мирна политичка клима.

Ние денес не може да го одвоиме прашањето за политиката од изборите. Што тоа би можело да значи, односно како може да разграничиме што е тоа политика, а што се тоа избори?

Ако сте го читале новото интервју на Францис Фукујама, ќе видите дека времето по пандемијата сосема поинаку ќе изгледа, границите ќе бидат отворени, слободата на движење нема да биде потполна, а многубројни права ќе мора повторно да ги браниме, од слободата на собири, до заштита на приватноста. Кога ни се вели, „момент кога ограничувањата нема да се применуваат“, се мисли на ограничување на човековите права кои се значајни за изборниот процес; исто така важно ќе биде она што се нарекува „слобода на изразување, слобода на собирање и право на безбедност“. Овие права, „шурнав“ малку низ европските документи, мора комплетно да бидат почитувани во текот на целиот предизборен процес, тоа од нас го бара Советот на Европа и Венeцијанската комисија.

Не е возможно сите да стапат на сила, тоа е саморазбирливо. Затоа што откако стапи на сила попуштањето, техничката влада зборува за заштита на населението од заразни болести како добар механизам за управување со кризата. Се разбира, во соработка со сите институции, како на локално, така и на други нивоа на власта. Сето тоа, со јасен предзнак на Собранието – значи дека 5 јули е важен изборен датум – за да се воспостави законодавна власт која ќе мора со својата контролна моќ да ни донесе легитимни институции, суверена и политичка влада. Не само домашната јавност, тоа го бараат и странците, пред сѐ, мислам на Американците и на официјален Брисел.

Да не заборавиме, од нас се бара непречен изборен процес, бидејќи нашата земја денес има многу поголема тежина во Европа и светот одошто вчера. Влезот во НАТО, сѐ поизвесниот датум за преговори со Европската Унија, создава уште поголема одговорност за сите нас. Во време на масовна пандемија, најважно ќе биде одржувањето на демократските избори, а со самото тоа ќе биде многу важно да се сочуваат човековите права, а особено слободата на говорот. Оттука, уште еден важен елемент: потребна е мирна политичка клима.

Ако ги погледате европските практики и вредности, ќе видите дека дијалогот за изборен датум за одржување на парламентарните избори мора да дојде од лидерот на најмоќната партија во земјата, притоа, самиот Заев покажува карактер и државно единство: го одреди јасно датумот 5 јули, што значи дека беше конкретен и уставотворен. И тоа беше официјално кажано на прес-конференција. Таквиот повик стигна ѝ до сите политички актери, пред сѐ, до оние опозициските. Што значи, а тоа не знам дали опозицијата може да го разбере, кога се одредува според Устав јасен датум за избори, така се заштитуваат сите политички актери, сите политички партии и движења – и се оди на избори. Државата има одговорност да ги заштити сите политички актери кои ќе учествуваат во изборниот процес, а тоа не се само домашните, туку и странските набљудувачи.

Или со други зборови, од денес натаму потполно ќе се одмрзнува изборниот процес, што значи дека добро се промислило за сите аспекти од изборите? Сега треба да спроведат кампањите како што го најавуваат здравствените работници: со маска и определена дистанца од два метра. Треба да се обмисли и процесот во кој ќе се гарантира заштитата на еден и пол милион гласачи кои по голем период на карантин и изолација, ќе излезат на своите бирачки места.

Ви реков погоре, не знам колку опозицијата е свесна за денешната ситуација, не знам колку се свесни за овие изборно-политички содржини кои ги проблематизирам погоре во текстот. Пред некој ден, еден човек, политичка личност, ми вели, „народот не ги сака ВМРО-ДПМНЕ“, не рече дека е лудо вљубен во СДСМ, но потенцираше дека нема никаква упоришна точка во опозицијата. Што значи дека тие луѓе не му се обраќаат нему, дури ми вели, а притоа добро забележува, „ВМРО-ДПМНЕ не знае која е нивната политичка целна група“. Се обраќаат на сите, се обраќаат секому, а всушност не се обраќаат никому. Тоа може да ни каже само едно: дека немаат своја политика и дека не умеат да стигнат до своите традиционални гласачи.

Сега ние имаме граѓани кои се излезени од епидемија, кои, се разбира, како и сите граѓани на светот имаат животни проблеми: како да се вратат во колосек, како да ја вратат својата работа, како да плаќаат долгови, кредити, деца, градинки, училишта… И имате опозиција која наместо да се занимава со овие проблеми, тие се занимаваат со Заев и со себе. Следствено, имате граѓани кои со право ќе ви речат: „извини, кога ќе дојдам јас на ред“?

Нема што ВМРО-ДПМНЕ да му се лути на СДСМ, денес граѓаните се држат до СДСМ. Зошто, ќе речете. Заев денес зборува за економија, поттикнува економски аранжмани, се занимава со елементарни човечки прашања кои живот значат, мисли за тие граѓани, нуди алтернатива. Значи, ја имате СДСМ која се занимава со прашања кои се од животен интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ, пак, се занимава со нејасни и неодредени теми, па уште се прашуваат „како Заев добива гласови, а ние не добиваме“? Се разбира дека нема да им веруваат, добро забележува мојот пријател кој е традиционален гласач на десницата, оти штом не се занимавате со важни политички прашања, и имате толку многу „путер на глава“ затоа што милион пати сте излажале, попатно сте се збогатиле преку функции, немојте да се чудите што не ви веруваат.

На крајот сакам да кажам дека дотука, каде што стигнавме како држава и граѓани, тоа не ни падна од небо. Се помачивме „својски“. Верувам во добриот исход на изборите, или што би рекол сер Винстон Черчил: „перманентен труд, а не сила и интелигенција, е клучот со кој ќе ги отвориме нашите можности“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот