Бране Стефановски

Што е дома, а што носталгија?

Да се молат нашите иселеници да се вратат е многу доцна. Зошто се молат кога веќе еднаш се избркани од родното огниште?

Hа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа највисокиот авторитет на извршната власт рече дека „Европа е нашиот единствен пат и дека нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија“.

Тоа е чиста вистина и голема мисла што одамна ја почитуваат нашите граѓани, уште од времето на барокниот стил во нашиот живот, па поитаа барокот да го видат одблиску, непосредно и да се уверат – дали тамошниот прилега на овдешниот. Така, во последниве 20 години просечно, годишно, по околу 10.000 граѓани се иселуваат „правец Европа“ и во други земји. Во последниве 20 години 200 до 300 илјади македонски граѓани се иселиле во Европа.

Ете, тоа е народ што го почитува зборот и желбата на своите водачи кои сѐ прават на домашен терен за да ги усреќат своите граѓани со тоа што ќе ги натераат да се иселат во странство, во земјите кои се зад нас според нашите квазиекономски параметри, а јавно морализираат дека младите својата иднина и кариера треба да ја градат во својата земја и да не бараат во неа лекарска бесплатна помош, која одамна не е бесплатна и е ужасна во јавниот сектор, а прескапа во приватниот. Навистина е зачудувачки – како е можно, земја, во која антиката е поприсутна од антифашистичките паметници, да се напушти, да се напуштат тие длабоки идентитетски корења, само заради тоа што во странство поубаво се живеело. Да се напушти таков либерален раритет во кој ужасно се ценат вредностите и се негираат или лустрираат имињата на хероите или уметниците? Г(а)лупости!  

Странските аналитичари и теоретичари на економијата се сомневаат во своите докторски тези и во исправноста на своите теореми, гледајќи ги процесите што се случуваат во земјава и се прашуваат: како е можно во толку напредна економија, реформска, во која владее правото и правдата, мерит системот, редот во урбанизмот и чистата недопрена природа, земја без корупција, без протекција, без наместени тендери, да има толку неблагодарници кои во орди го напуштаат овој рај во кој владее принципот на обележување на предавниците со „данга“ што ќе ја носат и нивните поколенија за да не можат да најдат работа ниту во државниот ниту во приватниот сектор, затоа што и тој е под контрола. За казна ќе им ги оданочиме и парите што ги заработиле таму, иако претходно сме им кажале дека тие пари не подлежат на оданочување, или се веќе оданочени од државата во која се заработени.

Навистина не треба да се напушта земја која прашува за цената на невините животи што ѝ изгореа во еден безбедносен примитивизам, јавашлак, неодговорност и без грижа на совеста. Контроверзите се толку големи што се апсурдни и неверојатно неразбирливи за целиот свет. Од една страна да се тврди дека бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – март 2026 година во однос на периодот јануари – март 2025 се намалил за 3,3 проценти, а во март 2026 во однос на март 2025 година за 2,8 отсто, а според еден градоначалнички потпросечен интелект во 2025 година биле отворени нови 15.000 работни места?! Па, тој дури вели дека речиси нема невработеност, односно дека таа изнесува околу 5% од работоспособното население, што значи дека Германија има поголема невработеност. Дали е можно?

Ова е навистина играње мајтап со здравиот разум. Медиумите се толку авторитетни, што пасивноста кон информацијата, пласирана особено преку екранот, не дозволува формирање критична мисла и однос кон реалноста. Така се владее, со секојдневни прес-конференции на кои се „траскаат“ контроверзите. Затоа и повикот – младите да се вратат во земјава се протолкува како искрена желба тие да се вратат таму од каде што избегале. На прашањето – „каде и зошто да се вратиме?“, никој не знае да даде вистински одговор и вистинска причина. Се вергла една неподнослива демагогија без граници, заглупувачка тавтологија: „Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија“ – интеграција од која се бега со разни застрашувачки изговори, кои всушност се толку бенигни и банални, во споредба со европската крилатица „Јунајт, јунајт Јуроп“.   

Резултатот е спротивен на изговорот, со оглед на обезличувањето на идентитетот со масовното земање пасоши токму од тој од кого се плашиме и кому со тоа му признаваме дека имаме корени во далечното заедничко минато, за кое никој од нашите баби и дедовци ни нема кажано!  
Сега е многу доцна за клечење пред дијаспората, требаше да се моли одамна, ако бевме чесни во финансиите, бистри во идеите, сигурни во целта што ја поставивме, сигурни на својата територија, а не поделена според етнички интересовни зони, па во воздухот лебди дилемата – чија е оваа земја? Сите тргаат на своја страна со големи изгледи да ја растргнат пред над неа да се отвори европскиот безбедносен чадор.  
Па сега, на иселениците останува добро да размислат дали да се вратат или не. Но, едно е сигурно, таму каде што е удобно човек се навикнува за 24 часа. Дома е таму каде што се живее добро, другото е носталгија. Ретко кој ја има заменето комоцијата со носталгијата. „Топлата када има уништено повеќе револуционери отколку контрареволуцијата“.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот