Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Облажете си ја душичката дегустирајќи „мел феи“ - крцкаво лиснато тесто со крем од ванила.

Доброутро ослободено Скопјенце и среќен ти 75-ти ослободен роденден. Туку ти стварно се чувствуваш ослободено?! Од малодушност и малограѓанштина, од неукост и фрустрираност, од самобендисаност и нааканост на твоите модерни окупатори?

Повеќе прослави се случија во твое име неделава, некои – формални, други – реда ради, ама ретки те погледнаа в очи – во улиците, во изникнатите згради како тртки на твоето убаво лице, во зацрнетите бели дробови, во резигнираноста на твоите плоштади и меланхоличноста на оние кои од љубов ги болиш.

И неколку нови песни слушнавме и прочитавме за тебе во овие два-три дена. Некои напишани со молив, ретки напишани со срце. Па, ако на социјалните мрежи ја пропуштивте поезијата за Скопје на скопјанецот Дац, еве ви прилика да ја прочитате:

И… Скопје мое, како си?
Те закача ли некој?
Да не мочаат по тебе?
Можеби фрлаат ѓубре…
Те плукаат ли?
Види, ако те плукаат, можеби е против уроци, А?
Ако те мразат, можеби се дојденци… или?
Им кажа ли за плажите на Вардар?
За корзото на плоштад
за дрворедите, за убавите градби.
Дали им кажа за Сарај, за езерото Треска?
Им кажа ли за Кензо?
Знам дека не се срамиш од опинците
на добродушните луѓе,
од оние кои учат како повеќе се сака…
Како се сакаат липите, тополите, јасените.
Ги сакаш ли убавите графити?
како оној со калинките, или
оние со бурекот, М?
Ќе видиш, еден ден ќе ни ги кажеш сите
твои болки и радости, преку нас, граѓаните…
Ама треба да се стрпиме за да дојде тој ден.
Знам ќе дојде, ама кога…
Стварно не знам!

Времето викендов ќе ни биде потрефено, потрефете си го и друштвото! А, ако случајно почувствувате горчина во душичката, заблажете се во дебармаалската слаткарница „Зафир“ со фантастичен њујоршки чизкејк или со преслатките мил-феи.

чизкејк

Ама ајде да се вратиме на окрепнувачите на градот, на лекувачите, на уметноста и уметниците, и заедно да провериме каде и како може да си го разубавиме викендот.

ПЕТОК

16 часот

Петоче, го дочекавме, нели?! Заборавете на работната недела и обврските со добар коктел во бар-ресторанот „Амигос“ на улица Македонија. Нарачајте го коктелот од водка „Love Potion“, денес е со намалување од 15 отсто. „Cocktail Glory“ уживанцијата ќе ја разубаве сетот на диџеј Вито Божиновски. Ајт, живели!

17 часот

Ако сте за петочен „афтер-ворк“ со сочен бургер во комбинација со пиво по супер цена од 100 денари, позната е дестинацијата – право во „Јавна соба“.

18 часот

Ако пак, сè почесто си го поставувате прашањето- Како да си ја разубавам кожата?, посетете го „Дерма Фест“ во „Капитол Мол“ и соберете куп бесплатни совети, ама и третмани за лице. Настанот ќе трае два дена – 15. и 16. ноември. На 16-ти (сабота), од 12 до 14 часот земете ги тука и вашите деца, за нив ќе има креативна работилница на темата „Преку здрава храна до здрав живот“.

19 часот

Ај, прашајте се што знаете за Јосиф Михајловиќ, градоначалник на Скопје од 1929 до 1936 година. Во 1939 година повторно бил назначен за прв човек на градот до 1941 година кога на скопската клиника при интервенција на слепо црево, починал. Во текот на својот речиси десеттогодишен мандат, Михајловиќ својата активност ја насочил кон модернизација на градот и неговото комунално уредување. За време на неговиот мандат се изградиле повеќе јавни објекти меѓу кои: училишта, општински згради, Народното Собрание, Општинската зграда, Градската Болница,  Хигиенскиот завод, Заводот за социјалното осигурување, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора, Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар”, бетонските мостови на Вардар, Плоштадот, Золошката градина…Граѓаните на Скопје особено го ценеле, а тој знаел пеш или со пајтон да шета низ градот и да ги бележи сите проблеми.

Изложбата посветена на Михајловиќ ќе се отвори во Музејот на град Скопје со почеток во 19 часот.

19 часот

Израдувајте си ги дечињата со куклената претстава „Тоби“ во Театарот за деца и младинци. Јазовичарот Тоби и госпоѓа Флора за само еден час ќе направат вашите најмили да станат задоволни од сопстениот изглед. И уште нешто – ќе ги научат дека не е убаво кога некој се кити со туѓи перја.

19.30 часот

Во центарот на Скопје, на улица Лермонтова број 3, ќе се отвори нов галериски и изложбен простор на галеријата „Анагор“. Отворањето ќе биде со изложба на уметникот Зоран Кардула кој премиерно изложува серија на дела со супер херои, каде комбинира ретро со модерно, во комбинација на советски пропагандни постери и херои од стрипови. Се гледаме во „Анагор“!

20 часот

Во прекрасниот Даут Пашин Амам во скопската чаршија уживајте во концертот на Италијанецот со диво срце, Маурицио Мастрини. Мастрини важи за еден од најпознатите италијански пијанисти и уметници, а неговите композиции претставуваат врска меѓу традиционалните стандарди на музика и новата современа класична музика. Влезот е слободен.

20 часот

Во Фоајето на Националната опера и балет уживајте во едночасовниот концерт „Полифони одблесоци“  на камерниот оркестар „Профундус“. Солисти се: Наде Талевска – Спасовска (сопран) и Стојанче Косовски – (труба), а диригент е Ѓурѓица Дашиќ

20 часот

Дали сте за добар мјузикл? Во Театар Комедија, во режија на Наташа Поплавска, погледнете го „Боливуд“. Преводот на текстот и препевот на песните се на две Наташи – Илијевска и Поплавска. Играат: Жаклина Стевковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски.

20 часот

Последниот ден на „Синедејс“ ни носи нова премиера – „Зад Хоризонтон“ во кино Милениум.

 

Вака „оди“ приказната: Лето, 1976 година. Европа поминува низ безмилосен топлотен бран и една од најлошите суши во историјата. На фармата на неговите родители, Гас (13), летниот распуст го поминува во читање стрипови, помагање на татко му, кој сета своја заштеда ја има вложено во современ кокошарник, и во игра со Мадо, дивото дете од селото. Но полека околу него, неговиот спокоен и познат универзум почнува да попушта под жештината… Мајка му, секогаш нежна и грижлива, почнува да поминува сѐ повеќе време со убавата Сесил, додека татко му е принуден сам да се справува со разорните последици на сушата. Гледајќи го уништувањето на неговото семејство, традиционалното земјоделство и патријархатот, Гас е принуден да порасне побрзо и да ја остави невиноста на детството зад себе…

21 часот

Продолжува трендот на „Петак дан за метак“ со бендот „Деј Оф“ во „Мистер Џек“. Промотивни цени ќе има на вискито Jack Daniel’s.

21.30

Забавувајте се, вечерајте, мезете, изнамуабетете се…, накусо, поминете си супер вечер во Tasty Lounge Bar (на улица Кирил и Методиј бр.58). Вечерва ќе има македонски и екс-ју хитови со „The Bitcoins“. Што да јадете? Ние сме за Tasty круна – пилешко полнето со моцарела и пршута во сос од горгонзола. Инаку, промоции ќе има на текилата (3 текили за 100 денари), коњакот и вотката (70 денари), џин тоникот (100 денари), и виното – чаша за само 60 денари. Со македонско пиво следува гратис помфрит, а со холандско – гратис пилешки прсти. 

Tasty круна – пилешко полнето со моцарела и пршута во сос од горгонзола

23 часот

Ако сакате да терате понатаму во ноќта, има cinEmusic во МКЦ. Денсајте на диџеј сетовите на Филип Пајдаков и Џано Куч –  ФилЏан. Вистинските љубовни приказни немаат крај?! Ристо Вртев и Гино, Влатко Стефановски и Гаро, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, Атанас и Тино, Врчак и Панчо, Слаткар и Токсикологија, се само неколку примери дека ништо не е вечно. Љубовта се состои од една душа во две тела. ФилЏан е таа душа.

Влезот е слободен.

23.55

И ако уште не ви се спие, до 5 часот наутро има забава во Сектор 909. После неколкуте изданија на Oubli Nights со домашни и странски артисти, ќе настапи Tornado Wallace.

САБОТА

6 наутро

Ајде да ве видиме како стоите со спортскиот дух, поконкретно со велосипедизмот. Се организира вело-тура од Скопје до ехеее, винарија „Попова Кула“ во Демир Капија. Во бројки – 230 километри. Место на поаѓање: Пошта 2 (железничка станица) во 06.00 часот. Задолжително: Резервна внатрешна гума, кацига, есенска облека, кабаница, вода и храна во ранец, а планиран е ручек во ресторанот во Попова Кула. Ве заинтересиравме?! Тогаш, јавете се кај Коста Шимбов на 075 544 020.

13 часот

Ако сепак ве мрзи да вртите педали, покажете го спортскиот дух на поинаков начин. Ќе има ФУДБАЛ, МАКЕДОНИЈА-АНГЛИЈА. А, на нашите У19 надежи им е потребна поддршка на квалификацискиот турнир за пласман во елитната рунда квалификации за Европско првенство. После ремито со БиХ (0:0), следува Англија која како име е секогаш мотивирачки предизвик, без разлика во која категорија. Натпреварот ќе се игра на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“.

14 часот

Исполнете три часа со позитивна енергија и креативност! Ателјето Сиена органзира работилница за сликање на текстил со висококвалитетните бои. На оваа работилница ќе имате можност да ја научите техниката која ќе ви помогне да се чувстувате подобро помеѓу секојдневните обврски, да заборавите на стресот, да внесете повеќе боја и живот во вашите денови…Работилницата се одржува во просториите на Брегли Креатив, цената е 1.500 денари, а за пријавување јавете се на телефон 078 898 823.

19.30

Погледнете ја изложбата на скулптури „Фрагментум“ на академскиот скулптор Александар Ефтимовски, која ќе се отвори во галеријата на Младинскиот Културен Центар (МКЦ).

20 часот

Сте за добра театарска премиера? Во Драмски театар, во режија на Владимир Милчин, по мотив од „Пантаглез“ на Мишел де Гелдерод, ќе се изведе претставата „Пантаглез“. Преводот е на Најден Настев, сценограф е Крсте С. Џидров, а костимограф – Марија Пупучевска.

Претстава што опоменува дека човештвото страда од заборав, ги растура илузиите дека живееме во најдобриот од сите светови и порачува дека не смееме да дозволуваме постојано да бидеме изненадувани од исти работи.

20 часот

Во исто време, ама на друго место, во МНТ, ќе се изведе претставата „Осамениот запад“, во режија на Јане Спасиќ. Играат: Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев, Матеа Јанковска.

Преку црн ирски хумор „Осамениот запад“ раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен однос. Линејн е мало место кое морално ги корумпира своите жители, дури и Отецот/ Пасторот е немоќен да ги врати работите на „прав пат“. Единствената шанса е можеби во младата Грлин, но тоа останува да видиме.

Билетите се пуштени во продажба онлајн – ТУКА и на билетарницата во МНТ. Цената им е 300 денари.

20 часот

Ако сте пак, повеќе балетски расположени, и ако до сега не сте ја виделе, погледнете ја „Клеопатра“ во Националната опера и балет. Kореограф е Русинот Василиј Медведев, а диригент Бисера Чадловска. Сценографијата и костимографијата се на Павол Јураш (Словачка). Клеопатра ја игра Александра Мијалкова, Цезар -Васил Чичијашвили (Грузија), Марк Антони: Бобан Ковачевски, Октавија: Марија Кичевска Шокаровска, Змија: Мими Поп Алексова Атанасовска, Октавијан: Андреј Литвиненко (Украина), Аполодор: Мирослав Митрашиновиќ.

НЕДЕЛА

12 часот

Мислите дека можете самостојно да се снајдете во светот на животните вештини? Дали знаете да пополните уплатница? Или пак, да сошиете копче? „Зашиј ги фармерките, плати си ги сметките!” е првиот дел од новата иницијатива од активното членство на „Младите можат“ насловена „Снајди се па живеј!”. Тимот од 6-те млади ентузијасти овојпат се фокусира на практичните животни вештини како и на нивна  примена во секојдневниот живот.

Доколку сте млади и сакате да бидете дел од оваа работилница, пријавете си го вашето учество – ТУКА.

12 часот

Дозволете му на вашето дете да има продуктивен викенд, да се тргне од секојдневните училишни обврски и да се трансформира во креативец. Детска креативна работилница ќе има во „Јавна соба“. Целта е преку креативен пристап, емпатија и логично размислување да се создадат уметнички дела. На работилницата, преку забавни активности со храна, боички, колажи, сечење и лепење, дечињата ќе научат како да бидат трпеливи, ама и горди на сработеното. Партиципацијата е само 250 мкд, а задолжителното пријавување важи до денес на меилот [email protected]

12 часот

Љубители сте на врвна дегустација на храна? Во хотелот „Хилтон“ се организира неделен бранч.
Соберете го семејството, поканете ги пријателите и уживајте во вкусното бифе од различни, совршено приготвени специјалитети во неограничени количини. Бранчот ќе трае до 15 часот.
Цената изнесува 900 денари по лице, со вклучен безалкохолен пијалок. За деца од 5 до 12 години има 50 отсто намалување на цената, додека за деца до 5 години бранчот е бесплатен. Инаку, за дечињата се подготвува специјално мени, а играта е забавна во специјалното детско катче.
Ако сте „за“, ресервирајте си на 02 240 0800.

12.30

Ако до сега не ја гледале, однесете си ги дечињата на претсавата „Мачорот во чизми“ во Театарот за деца и млади.

16 часот

Ако сакате да си ги наполните очите и срцата со убави чувства и со уметност – цели 210 минути, во „Синеплекс“ гледајте го директниот пренос на балетската претстава „Пират“ на московскиот Бољшој театар. Инспириран од епската поема на Лорд Бајрон, овој бисер на репертоарот е испреплетен со авантури и возбудувања и претставува одлична претстава карактеризирана со некои од најпознатите балетски сцени.

19 часот

Време е за спорт. За кошарка. Играат МАКЕДОНИЈА-ЛЕТОНИЈА. Женската сениорска репрезентација ќе се обиде во големата сала при Спортскиот Центар „Јане Сандански“ да го поправи впечатокот после убедливиот пораз од Германија на стартот од квалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година. Ајде заедно да навиваме!

21 часот

Во МКЦ имате можност да ја погледнете документарната претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“. Оваа претстава е авторско дело на четворица актери и еден режисер, а ја раскажува приказната за растењето, за соништата, за себеостварувањето и за соочувањето со општествените механизми на функционирање.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот