Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Фото: Фејсбук

Здраво-живо мило Скопјенце и вам драги скопјани во претпразничната сезона. Од настани, секако, новогодишни, ако за викендов останете во градот. Од купот забавни понуди, најмногу нè радуваат празничните попусти во книжарниците. Па, еве ви идеја за празничен шопинг и за вас, ама и за подарок.

Во книжарницата „Или-Или“ во тек се „Новогодишни книжевни радости“, па може да си купите книга со празнични попусти од 20 до 70 отсто. Празнична магија, односно акција на книги за деца и возрасни со попусти до 50 отсто и нови едукативни пакетчиња за деца, има и во „Литература.мк“. – Подароци кои траат долго и се отвораат повеќе пати, велат од „Литература“ мк.

После работа, од 16.30 часот почнува забавата во кафулето „Синдикат“ од кадешто „предупредуваат“ да се подготвите за добра тактика и да се одигра висок „пресинг на прва“, без остри стартови со многу „живели“ во прво полувреме. На листата на пијалоци, главна ѕвезда ќе биде аперолот, а ќе има и добра музика. Во второ полувреме, информираат од „Синдикат“, на теренот излегува другарот Гејм Овер и ја презема миксетата и распалува музики за шизење до крај на натпреварот.

Ќе ве разочараме, можеби, но спортски настани нема да има викендов, иако колегата Фидан од „петни жили“ се обиде барем нешто спортско да пронајде.

Ајде заедно да ја разгледаме новогодишната програма во градот.

ПЕТОК

18 часот

Ако сте за пиво, во „Кинотека“ има „Зимски пивски салон“. Со пивцето има и добра музика, тематски видео-проекции, галериски дел со тематски рачни ракотворби, чаши, слики и пивски марки кои досега ги немало кај нас. Влезот е 200 денари, а за првите (дури) триста посетители обезбедени се чаши кои ќе можат да си ги земат за спомен. За музичката програма ќе се погрижат Костадин Шурбановски и Мелани Дигит.

19 часот

Во Музејот на македонската борба солистички концерт на виолончело ќе одржи младиот и талентиран музичар Антонио Илиоски, ученик во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј” Скопје, во класата на професор Марија Кочарова Узунова. Влезот е бесплатен.

20 часот

Не го пропуштајте новогодишниот концерт во Филхармонија, насловен „Слушни доаѓа новата“. Диригент е Борјан Цанев, солисти – ансамблот „Јаношка“ од Австрија, а на програмата се дела од Штраус, Ленон, Јаношка, Паганини, Гуно, Делиб.

20 часот

Во Музејот на современата уметност ќе биде отворена изложба на Нада Прља насловена „АдаН во градот на огнот“. Во рамките на инсталација инкорпорирани се стрип, скулптура, цртежи, графити и дела позајмени од колекцијата на МСУ.

20.30 часот

Во „Станица 26“  има трибјут на „Депеш Мод“. На репертоарот на „Devotion Depeche Mode Tribute“ има песни од сите периоди низ кои минуваше групата „Депеш Мод“. Влезниците се во продажба, во ограничен број, па купете си со време. Цената им е 250 денари, а за онлајн продажба – ТУКА. 

20.30 часот

Ако си ја сакате Скадарлија, боемската душа на Белград, еве ви ја – во срцето на Скопје. Скадарлиските вечери се во тек во во винскиот ресторан „Форца“ и ќе траат до 29 декември. Се служи автентична српска храна, а за атмосферата, се разбира, се грижат тамбураши. Денес ќе ве забавува групата Ѓезме. Резервирајте си на телефоните: 02 3071 200 | 078 445 068

21 часот

Во кафе-ресторанот „Дион“ на Кеј организирана е предновогодишна забава на која ќе ве забавува Жаре Бербер и неговиот бенд. Резервирајте си на 076 212 229.

САБОТА

11 часот

Земете си ги дечињата и право во „Европска Куќа“ (поранешен ЕУ инфо центар), ќе има бесплатна проекција на анимираниот филм за деца „Момчето Фантом“. Приказната зборува за 11-годишното момченце Лео од Њуjорк кое може да стане невидливо и да поминува низ ѕидови. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој е привремено во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен. Режијата е на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол. Филмот трае 84 минути и има синхронизиран превод. Влезот е слободен.

11 часот

Во „Orange Kids Club & Caffè“ организирана е хуманитарна забава за бездомните миленици од граѓанската иницијатива „Кане Корзо Надеж“ кои се максимално посветени и активни во изминатите три години на грижата на бездомните животни, пружање на помош на критичните единки, обезбедување донации за стерилизација и кастрација, вакцинирање и микрочипирање, вдомување како и секојдневен ангажман во решавање на проблематиката за намалување на бројот на бездомни животни. На забавата ќе се собираат донации за бездомните крзнени пријатели, а во пресрет на студените зимски денови ќе го дочекате и Дедо Мраз кој ќе подели пакетчиња за сите дечиња. Настанот е поддржан од Brit Care Macedonia, Агенцијата за храна и ветеринарство, Дедо Мраз, КК Бравадос, Вита Вет, Литература.мк, Општина Аеродром, Унивиго, Чунга-Лунга, танцови групи, поединци и активисти.

12 часот

Предновогодишно дружете се со писателката Винка Саздова и со „Вилино“ во книжарницата „Три“ во ГТЦ.

12 часот

Еве уште еден супер настан за дечињата кој не е за пропуштања – „Трепкај трепкај елкичке“.
Многу забава и љубов Биби ќе им подари на дечињата. Дојдете во ГТЦ.

14 часот

Во рамките на Малиот новогодишен саем на книга, на детскиот ден, ќе се одржи креативна работилница за деца. Работилницата ќе биде продолжение на промоцијата на три книги за деца.

Креативната работилница е замислена како серија од активности: читање, цртање и пишување за деца на возраст од 5 до 9 години. Целта на работилницата е развивање на имагинацијата и поттикнување на креативните способности, негување на пишаниот збор и подобрување на моториката. Децата ќе креираат на тема „Моето необично милениче“, а сите трудови (цртежи, приказни, песнички) ќе бидат потоа изложени во горното фоаје на киното „Фросина“ во МКЦ. Работилницата ќе ја држи Билјана Црвенковска, писателка и сценарист, едукатор во Детскиот креативен центар во МКЦ. Децата кои се заинтересирани да учествуваат на работилницата треба да се пријават со резервирање место на самиот настан и преку е-пошта на: [email protected] со назнака „учество на креативна работилница Моето необично милениче“. Пораката треба да го содржи името на детето, возраста и телефон за контакт.
Бројот на учесници е ограничен на 15 деца, а по пополнувањето на квотата нема да биде можно пријавување на нови учесници.

20 часот

Ако сте за балет, ајде во Националната опера и балет на „Оревокршачка“ од П.И. Чајковски. Диригент е Бисера Чадловска, а кореограф – Василиј Иванович Ваинонен (Русија).

20 часот

Во Кино Култура, во Театар на навигаторот Цветко, погледнете ја претставата „Како се прави човек“, во режија на Хана Миленковска. Цената на билетото е 200 денари, а резервирајте си билет на меил адресата [email protected].

22 часот

Забавувајте се со Дебора де Лука (Deborah De Luca), најбрзо растечкиот талент на светската техно сцена. Во моменти кога е на самиот врв во оваа индустрија и настапува на најголемите и најважните подиуми ширум светот, Дебора де Лука повторно одлучува да го стави Скопје како една од последните станици од оваа година. Забавата е во „А1 Арена Борис Трајковски“.
Влезниците во претпродажба се по промотивна цена од 600 денари, ги има во ЈУГОТОН и сите продажни места на www.kupikartizase.com

НЕДЕЛА

18 часот

Во „Концепт 37“ на улица Рузвелтова ќе се случува предновогодишен „woof, woof “ настан од хуманитарен карактер. На истиот ќе можете да си купите најразлични предмети и преку тоа да донирате за бездомните животни. Како „јаготка на шлагот” ќе бидат специјално избработените новогодишни пакетчиња на Лиса Анимо, девојката позната по највкусно приготвената храна за кучиња во градов.

20 часот

Во Денсинг салата на МКЦ забавувајте се на концертната промоција на албумот „Bedtime Stories“ на групата „Lincoln Letter“.

20.30 часот

Ќе имаат концерт „Пост глобал трио“ и „Прајват маунтаин“ во Социјален центар „Дуња“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот