Штекли има шизофренија и халуцинира дека го следи албанска мафија или е свесен и пресметлив?
Дали Раде Трајковски – Штекли, познат лик од скопското подземје, кој заедно со уште девет лица се обвинети за трговија со дрога, е психички способен да го следи судскиот процес против него, е прашање кое треба биде одговорено на следното судско рочиште на кое ќе се сослушаат сите вешти лица за да може судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков да донесе одлука.
Препорачано
Всушност, одбраната на Штекли пред месец и половина доставила вештачење до судот дека тој не е психичи способен да го следи судењето, дека имал шизофренија, халуцинации дека го следи албанска мафија и дека треба да се лекува на Клиниката за психијатрија.
Од друга страна, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција од судот побара Штекли во притвор да го посетат други психијатри и да направат дополнително вештачење. Таму го посетиле психијатри од Психијатриската болница во Бардовци и тие, спротивно на вештите лица на одбраната, утврдиле дека Штекли е здрав и свесен, пресметлив и дека може да го следи судскиот процес.
– Јас сум лаик, не можам да коментирам медицинско психијатриско вештачење. Поаѓам од тоа што е напишано во психијатриското вештачење на нашиот форензичар, односно технички советник дека заради психичко заболување не може да ја следи судската расправа, што е основен услов за активно учество. Пред месец и пол добивме изготвено вештачење по наредба на Јавното обвинителство на 26 страници. Бидејќи сите сме правници, не сме форензичари, медицински лица, на наредното рочиште ќе се спротивстават вештите лица на одбраната и обвинителството дали обвинетиот е способен да го прати судењето и активно да учествува во судењето – рече адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски.
На денешното рочиште четворица од обвинетите признаа вина, а Дуковски ова го коментира како нивна лична одлука, која не влијае на процесот.
Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против 10 лица за продажба на дрога, главно во скопската населба Аеродром. Истрагата траела речиси една година и вклучувала посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, но седум од нив склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Како што соопштија претходно од Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно поделени улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуницирале преку Снепчет, а клучни докази биле добиени преку „Cellebrite“ системот за анализа на телефони, донација од САД.
ФОТОГАЛЕРИЈА | Штекли дојде во судот иако тврдеше дека не е психички способен да го следи судењето


