Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Шок во регионот: Жељко Обрадовиќ ја завршува тренерската кариера?

Како „гром од ведро небо“ во соседството одекна веста дека Жељко Обрадовиќ се повлекува од тренерската кариера. Според информациите што доаѓаат од Србија, најтрофејниот европски кошаркарски тренер на сите времиња наводно веќе го одбележал заминувањето во пензија во кругот на семејството и најблиските пријатели. Како што објавуваат српските медиуми,  Обрадовиќ донел одлука да стави крај на својата импресивна тренерска кариера, а во родниот Чачак наводно и бил организиран приватен собир во чест на неговото повлекување.

„Готово е. Најголемиот заминува во пензија. Како што дознаваме од сигурни извори, најблиските пријатели и семејството му приредија проштална средба во неговиот роден град“, стои во објавата, со потсетување дека Обрадовиќ е најуспешниот европски тренер во историјата со вкупно 49 освоени трофеи, меѓу кои и девет титули шампион на Европа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SOCCERBET (@soccerbet.rs)

Жељко Обрадовиќ е роден на 9 март 1960 година во Чачак, град кој со децении важи за еден од најголемите расадници на кошаркарски таленти во регионот. Играчката кариера ја градеше на позицијата плејмејкер, а најголема трага остави во Партизан, со кој ја освои титулата шампион на Југославија. Беше и стандарден репрезентативец на Југославија, а врвот на играчката кариера го достигна со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Сеул во 1988 година.

Сепак, она по што Обрадовиќ засекогаш влезе во спортската историја е неговата тренерска кариера. Без големо искуство, во 1991 година ја презеде клупата на Партизан и веќе во првата сезона направи сензација и во 1992 година во Истанбул ја освои титулата европски шампион. Тој успех го означи почетокот на една од најголемите тренерски приказни во историјата на европската кошарка.

Во годините што следеа, Обрадовиќ предводеше некои од најголемите европски клубови, меѓу кои Хувентуд, Реал Мадрид, Бенетон, Панатинаикос, Фенербахче, а подоцна повторно и Партизан. Каде и да работеше, освојуваше трофеи и оставаше длабока трага.

Особено се издвојува периодот поминат во Панатинаикос, со кој освои дури пет титули шампион на Европа и атинскиот клуб го претвори во континентален гигант. Вкупно девет пати ја освојуваше Евролигата, рекорд што го позиционира на самиот врв меѓу сите тренери во историјата на ова натпреварување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот