Широка коалиција или нови избори за советници во Битола?

Фото: Васка М. Младеновска / Слободен печат

Новото мнозинство, кое во моментот го сочинуваат СДСМ, „Поинаку“ и Левица и брои 18 советници, сега всушност е новата неформална коалиција која ќе раководи со градот Битола.

Иако можеби за многумина е изненадување, но, сепак како што и се очекуваше, неформалната коалиција ВМРО-ДПМНЕ-„Поинаку“, која имаше мнозинство во Советот на Битола, се распадна.

Независната листа на „Поинаку“, предводена од претседателката на Советот Габриела Илиевска, „го сврте листот“ и ѝ откажа верност на ВМРО-ДПМНЕ, формирајќи ново мнозинство со СДСМ.

Новото мнозинство, кое во моментот го сочинуваат СДСМ, „Поинаку“ и Левица и брои 18 советници, сега всушност е новата неформална коалиција која ќе раководи со градот Битола.

ВМРО-ДПМНЕ, со новиот распоред на силите во Советот, привремено или трајно замина во опозиција.

Одлука на Илиевска да го смени коалицискиот партнер, колку и да ги изненади советниците на ВМРО-ДПМНЕ, требаше да ја очекуваат.

Имено, во последно време Илиевска во неколку наврати со своите изјави и потези им најави на ВМРО-ДПМНЕ дека нејзиното трпение за нереализрањето на договорените проекти и политики е при крај и дека само е прашање на денови кога таа ќе ѝ откаже на ВМРО-ДПМНЕ.

Илиевска во последно време беше најжесток критичар на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и особено за неефикасната администрација и за трошењето на парите од општинскиот буџет, како и за, според неа спорните проекти од културата, културните манифестации, а и спортот.

И по таквите критики и обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ и општинското раководство, се однесуваа како ништо да не се случува и како да имаат стабилно мнозинство и власт во Советот.

„Уште со самиот избор на претседател на Совет кој доаѓа од независна листа и не е од партија, нагласував дека „Поинаку“ нема никаква коалиција од оние традиционалните, на кои се научени партиите. Ние имаме соработка со локалната самоуправа која во тој момент ја избрале граѓаните. Но, тоа не значи дека доколку нешто не функционира, ние мора да бидеме тивки и не треба да кажеме што не ни се допаѓа. Крајно време е сите ние да кажеме кои се проблемите на граѓаните и да се бориме нивните проблеми да се решаваат. Доколку сме се нафатиле да ги имаме овие функции, а притоа немаме обврски од типот на оние традиционални коалиции, ние како „Поинаку“ дадовме максимална поддршка, но сметаме дека таа е злоупотребена. Точно е дека сите барања што од нас ги имале граѓаните се прифатени. Ама, нема реализација на нашите проекти. Ставот на „Поинаку“ е дека во овој момент не сме задоволни од оваа локална самоуправа“, вели за „Слободен печат“ претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.

Во врска со таквите обвинувања и случувањата во Советот на Битола, градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, вели:

-Случувањата на последната седница на Советот е уште една потврда за кочниците и блокадите кои што ги прави претседателката на Советот на штета на Општина Битола и нашите сограѓани. Таа едноставно сака да го држи Советот во заложништво. Вакво незаконско работење, во досегашниот период не покажал ниту еден претседател на Советот на Општина Битола, истовремено покажувајќи непочитување на законските прописи, Деловникот за работа, а со тоа нанесувајќи негативни последици на напредокот на Битола. На последната седница имавме ситуација во која, спротивно на Законот за јавни претпријатија на Дневен ред се поставија точки со кои советниците од СДСМ, „Поинаку“ и Левица, изгласаа разрешување на управните и надзорните одбори и сосема спротивно на Законот за јавни претпријатија, неосновано, популистички најавија граѓански управни тела. Врз основа на член 71 став 1 од Законот за инспекциски надзор, а во врска со член 69 став 1 од Законот за локална самоуправа, ќе поднесам иницијатива до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да изврши вонреден инспекциски надзор над работата на Советот на Општина Битола во вршењето на неговата надлежност од член 22 точка 32 од Статутот на Општина Битола, според која, Советот на Општината именува членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и јавните установи што ги основа и при именувањето на нови им престанува мандатот на дотогашните членови на управните и надзорните одбори“.

Коњановски обвинува и дека со последните случувања се прави и обид тој да се деградира, а во исто време се манипулира со јавноста.

„Граѓаните знаат што значат ваквите постапки кои се наложени од постапувањето на претседателката Илиевска: потрошено време низ институционално докажување и индиректен притисок врз нормалното функционирање на јавните претпријатија. Тоа е и целта на новата коалиција, која сакајќи да ме деградира, манипулира со јавноста. За мојата работа и успешноста на локалната самоуправа потврдуваат проектите кои ги завршивме минатата и оние на кои работиме оваа година. Очигледно на оние кои не сработиле ништо изминатите 4 години и оние кои се научени само да негодуваат, независно од која политичка опција доаѓа градоначалникот, работењето не им одговара, рече тој на прес-конференција“, рече градоначалникот.

На прашањето на новинарите дали е подготвен за создавање ново мнозинство во Советот или т.н. „широка коалиција“, Коњановски рече дека ако тоа е во интерес на градот, тој не ја исклучува и таквата можност.

„Но, нема да дозволам, високите партиски амбиции на поединци или нечии пазарења и договарања, да и наштетат на Битола. Продолжуваме со реализација на усвоените годишни програми и во мојот мандат ќе направам се, Битола да има подобри инфраструктурни услови, подобри услови за младите, развој на спортот, културата и се она што е во надлежност на локалната самоуправа и директно зависи од мојата работа“, изјави Коњановски.

Од СДСМ велат дека не гледаат причина да се формира широка коалиција во советот.

„Повеќе од година и половина СДСМ во Советот на Општина Битола е конструктивна опозиција. Дадовме поддршка за многу проекти предвидени во различни програми на Општина Битола, дури и тогаш кога искажавме сериозен сомнеж дека истите и ќе се реализираат. Би ги издвоил договорот за соработка на една успешна странска компанија во КК Пелистер, потоа програмата со која се предвидува уредување на просторот кај ЈАТ. Конкретно за оваа тема го искажавме во многу наврати нашето несогласување со начинот како се изведува, но на крајот ја поддржавме програмата со единствена цел да дадеме можност Битола да се развива. Ги предочивме и нејаснотиите во врска со изградбата на новиот парк во Нова Битола, но го поддржавме градоначалникот во намерата да ја разубави Битола. Има многу слични примери кои го потврдуваат моето тврдење дека СДСМ е навистина конструктивна опозиција во Советот на Општина Битола. Затоа, во овие околности не гледам никаква причина за било каква широка коалиција затоа што проектите кои се навистина значајни за Битола од нас добивале и ќе добиваат поддршка. Немам ниту информации што точно мисли градоначалникот Коњановски со терминот “широка коалиција”, а кога ќе имаме повеќе информации, секако дека партијата ќе го искаже својот став. Единствено што можам да го кажам во моментов е дека СДСМ нема намера да биде покритие за неспособноста во реализацијата на проектите на градоначалникот и ДПМНЕ“, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Битола

Во врска со последните случувања во Советот на Битола, од советничката група на Левица велат дека не партиципираат во никакво ново мнозинство и во иднина за секој позитивен предлог кој е на страна на народот, Левица ќе даде поддршка.

„Ние на последната седница го поддржавме новото мнозинство бидејќи сите јавни претпријатие имаат негативни резултати и затоа побаравме смени на управните и надзорните одбори“, велат од партијата.

Во оваа ситуација, повеќе од јасно е дека ваков каков што е сега распоредот на силите во Советот, Општината тешко ќе може да функционира. Неформалното партнерство меѓу СДСМ и „Поинаку“ ќе биде нестабилно, а барем засега, помирување меѓу „Поинаку“ и ВМРО-ДПМНЕ не е веројатно.

Излезот од навидум безизлезната политичка ситуација во Битола е или во формирањето широка коалиција, за да може градот да функционира нормално и да се реализираат проектите, или во одржувањето на предвремени избори за советници, какви што минатата година се одржаа во Тетово.

Сите други начини на (не)решавање на кризата во Советот се само „весели математики“, од кои Битола и граѓаните ќе имаат сериозни последици.

ВМРО-ДПМНЕ замина во опозиција во битолскиот Совет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот