Шестото издание на „Јес фестивал“ ќе се одржи од 14 до 20 мај во Скопје
Во организација на издавачката куќа „Чудна шума“, од 14 до 20 мај во Скопје, ќе се одржи шестото издание на „Јес фестивал“, книжевен и културен настан за сите возрасти кој традиционално вклучува богата програма на книжевни вечери, читања и креативни работилници за деца и млади и изложби на македонски уметници.
Препорачано
Годинава фестивалот трае седум дена и ќе се одвива на седум локации: кафе-книжарница и галерија „Чудна шума“, кафе „Долап“, МКЦ, креативно студио „Умна куќа“, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ (централен објект, библиотека „Другарче“ и библиотека „Цветан Димов“).
Како и претходната година, фестивалот има две различни програми: книжевни вечери и промоции; програма за деца (читачки и креативни работилници).
Отворањето на фестивалот е на 14 мај, со книжевен настан во галеријата „Чудна шума“ – „YES за кратка проза“. На оваа книжевна вечер свои дела ќе читаат: Иван Шопов, Владимир Лукаш, Долорес Атанасова Лори, Биљана Стојановска, Хана Корнети, Ѓоко Здравески, Драгана Лукан Николоски, Живко Грозданоски, Филип Димевски, Билјана Црвенковска, Ненад Јолдески.
Планирани се четири гостувања на автори и илустратори од Белгија (наградуваната писателка Хеа Схутерс), Албанија (познатата писателка за деца Рудина Чупи), Словенија (наградуваната авторка и уметница Самира Кентриќ) и Хрватска (наградуваната илустраторка Ванда Чижмек, која и минатата година беше во Скопје), како и претставување на делото на украинскиот автор Иван Андрусјак, кој, за жал, мораше да го одложи гостувањето во Скопје.
Покрај европските автори, планирано е и учество на дванаесет македонски писатели во двете програми (вечерна и програма за деца и млади), како и една групна изложба на повеќе македонски уметници.
– Годинава „Јес фестивал“ има најбогата програма и најмногу гостувања на познати европски автори. Единствено ни е жал што украинскиот писател за деца и млади Иван Андрусјак во последен момент мораше да го откаже патувањето, но се надеваме дека ќе ни се приклучи на есенското издание на фестивалот – изјавија од „Чудна шума“.


