„Шарла рекордс“ го објави музичкиот албум „Метаградот на Серава“ од Александар Пејовски
Изданието број 121 во каталогот на „Шарла рекордс“ е новиот албум на Александар Пејовски со наслов „Метаградот на Серава“. Ова е единаесеттиот албум за овој исклучително талентиран и продуктивен композитор на современа (класична) музика.
Препорачано
– Пејовски е инаку познат по својот современ авторски став отпорен на жанровски и стилски ограничувања и предрасуди. Музиката треба да ја живее својата слобода надвор од историските мапи и епохи во кои настанува, а во кои не смее да остане заробена. Притоа, времето и просторот се само алатки за игра, податливи за создавање нови светови, ремапирани и вон линеарниот тек на историјата.
Така, во овој негов музички мозаик се претопуваат звуци и теми од разни времиња, ослободени од нивното „лежиште“ и осовременети во еден возбудлив метафизички колаж. Всушност, во фелиниевски манир, тој го поставува Скопје во центарот на еден имагинарен наратив во кој неговите историски топоними и културни архетипи се реинтерпретирани преку игра со меморијата и време-просторот – истакнуваат од „Шарла рекордс“.
Како гости во една композиција на овој албум се појавуваат Ристо Солунчев и Христијан Моневски, мастерингот го изработи Милан Симовски, а албумскиот омот е дело на Ѓорѓи Гого Клинчаров. Музичкиот материјал е снимен и продуциран во студиото на Коста Новаковиќ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 328, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-13.4.2026)


