Шаќири до студентите: Не протестирајте, енергијата насочете ја кон испитите

Фото: Јетон Шаќир, Фејсбук

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири информираше дека сите студенти кои ги исполнуваат условите, на своите сметки ги имаат добиено парите за стипендија. Во пресрет на најавениот студентски протест, Шаќири апелираше до студентите да не дозволат да бидат манипулирани од дезинформации и злонамерни повици и својата енергија да ја насочат кон подобри резултати на испитите во февруарската сесија.

-Драги студенти, додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие студенти кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба. Искрено сакам да изразам благодарност до сите сектори низ кои се одвива процесот на стипендиите додека не стигнат до вас. Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици. Со среќа, напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.

Протест на студентите поради неисплатени стипендии

Тој додаде и дека е зголемен износот за студентскиот оброк и на стипендиите и платена е и разликата на стипендиите за претходниот период со што, додава тој, „докажавме дека работиме посветено за студентите“.

За попладне во 14 часот пред Министерството за образование и наука е закажан протест на студентите за да изразат незадоволство од, како што велат, ефикасноста на МОН бидејќи не ги почитува роковите за исплата на стипендиите и на други субвенции.

Организатор на протестот е Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, со поддршка на студенти од уште неколку други универзитети во земјава, а најави дека ќе им се придружи и неформалната организација „Студентски отпор“.

И покрај исплатата на средствата од стипендиите, УСС не се откажува од протестот и велат дека ќе протестирааат и за „сите неправди што досега беа извршени врз студентите“.

МОН денеска ги исплати и средствата од финансиската поддршка за меѓуградски превоз за јануари, како и средства за оние кои земаа пониски стипендии, а не беа исплатени во декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот