Сезонски и чартер летови од Скопје до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир

Меѓународен аеродром Скопје (Фото: ТАВ)

Во летната сезона од Скопскиот аеродром ќе се патува до Рига како нова дестинација, а покрај редовните ќе има и сезонски и чартер летови до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир. До Охридскиот аеродром, пак, ќе има чартер летови од Катовице, Варшава, Амстердам и Манчестер, а авиокомпанијата Ер Србија ќе почне да лета на релација Белград-Охрид-Белград, информираат за МИА од ТАВ Македонија.

Со летниот ред на летање, одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство, што стапува во сила утре, на Меѓународниот Аеродром Скопје во летната сезона ќе има 59 дестинации управувани од 22 авиокомпании.

Со Виз ер: Базел-Мулхаус, Берлин, Братислава, Бремен, Брисел Шарлроа, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург , Малме, Малта, Милано Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Осло Сандефјорд, Париз Бове, Рим Чампино, Салцбург, Стокхолм Скавста, Венеција Тревизо, Карлсруе Баден-Баден, Љубљана, Лондон Лутон.

Дестинаците Атина и Сараево со Ејџијан Ерлајнс, Белград со Ер Србија, Виена со Аустриан ерлајнс, Цирих со Чаир ерлајнс и со Еделвајс, Загреб со Кроација ерлајнс, Женева со ИзиЏет, Варшава со ЛОТ, Франкфурт со Луфтханза, Истанбул (Сабиха Гокчен) и Измир со Пегасус ерлајнс, Анталија и Измир со СанЕксперс, Истанбул (IGA) со Туркиш Ерлајнс.

– Сезонските и чартер-летовите во текот на летната сезона 2024 година од скопскиот аеродром, кои најголем дел од нашите патници ги користат за посета на туристичките дестинации, ќе бидат до Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир, со авиокомпаниите – Anadolu Jet, AMC Airlines, BH Air, Freebird и Nouvelair, најавуваат од ТАВ Македонија.

Во однос на новините за патниците, истакнуваат дека од мај авиокомпанијата airBaltic, националниот авиопревозник на Латвија, ќе влезе на македонскиот воздухопловен пазар и ќе воведе нова сезонска авиолинија од Скопскиот аеродром, Скопје-Рига-Скопје.

-Оваа линија на клиентите ќе им овозможи поврзување од витално значење со балтичките држави и светот и ќе им овозможи да ги истражуваат овие различни региони со огромна леснотија и удобност, посочуваат од ТАВ Аеродроми Македонија.

Во контекст на новините потенцираат дека Виз Ер почна да сообраќа до Салцбург, како и дека Кроациа Ерлајнс и Норвежијан ЕрШатл ќе продолжат со сезонските летови до Сплит и Осло, од Скопскиот аеродром, соодветно. Ги посочуават и летовите на Ер Србија на релација Белград – Охрид – Белград како дополнителна удобност за патниците да избегнат долги патувања со возило.

-Притоа, со оглед на статистиката за изминатата туристичка сезона во Охрид, и патниците и туристите кои го посетија Охрид, може да се забележи дека голем број туристи од Турција решија летниот одмор да го поминат во Охрид, па затоа, воведувањето авионска линија што го поврзува Охрид со аеродром во Турција би била одлична одлука за една авиокомпанија, велат за МИА од ТАВ Македонија.

Ако во текот на зимскиот ред на летање, две авиокомпании летаа до четири дестинации, или Виз ЕР до Виена, Дортмунд и Меминген, а Чер Ерлајнс до Цирих, со летниот распоред на летови, и Еделвајс ќе лета до Цирих, така што со летниот ред на летање, од Охрид ќе летаат осум авиокомпании до 11 дестинации.

Се преговара за нови сезонски летови од Скопскиот аеродром

Од ТАВ Македонија посочуваат дека работат на привлекување нови авиокомпании за да започнат со собраќање до нови атрактивни дестинации и устакнуават дека она што може да се најави во овој момент е дека се очекува Ејџијан Ерлајнс да воведе нови сезонски летови од Скопскиот аеродром, како сезонска авиолинија до грчки остров.

За поголема конкурентност на аеродромот истакнуваат дека се работи на подобрување на квалитетот на аеродромските услуги.

-Во овој момент, а со оглед на добрите резултати постигнати во изминатата 2023 година, како и прогнозите за претстојниот период, за скопскиот аеродром планирано е зголемување на капацитетот на шалтерите за пријавување на патници и багаж и одредени надградби на уредите за безбедносен преглед на патниците и кабинскиот багаж, како и на капацитетите на терминалната зграда, велат од ТАВ Македонија.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) Томислав Тунтев во изјава за МИА вели дека со летниот ред на летање има извесно зголемување на физичкиот обем на сообраќај на македонските аеродроми во споредба со минатата година.

-Според летниот ред на летање, односно според бројот на најавените операции на воздухоплови, во летната сезона 2024 може да се забележи извесно зголемување на физичкиот обем на сообраќај на македонските аеродроми, во споредба со истиот период минатата година. Евидентно е зголемен бројот на дестинации и на фреквенции на скопскиот аеродром, додека на охридскиот бројот е сличен како и минатата година, вели Тунтев.

Според него, имајќи ја во предвид високата вредност на коефициентот на полнење на авионите за и од македонските дестинации, реално е да се очекува дека во текот на претстојната летна сезона, на нашите аеродроми ќе биде достигнато и надминато нивото на физички обем на сообраќајот од 2019 година.

-Изразено во бројки, во 2024 година на Охридскиот аеродром можеме да очекуваме околу 240 илјади патници, додека на скопскиот аеродром се очекува да бидат прифатени и испратени повеќе од три милиони патници, наведува директорот на АЦВ.

Во јануари и февруари превезени 432 678 патници, пораст од 40 проценти

Статистиката за јануари и февруари годинава за двата аеродрома во државава, според аеродромскиот оператор, покажува значително зголемување на патничкиот авиосообраќај или 243 244 патници во јануари и 189 434 патници во февруари. Претворено во проценти, тоа претставува зголемување од 47 проценти и 31 процент во однос на јануари и февруари во минатата година, односно вкупно 432 678 патници и пораст од 40 проценти.

-Со овој позитивен тренд како показател за протокот на патничкиот авиосообраќај, а предвидени со проценките и проекциите за оваа година, може да се забележи дека патничкиот авиосообраќај само дополнително ќе расте и може да има само зголемување на бројот на патници, велат од ТАВ Македонија.

Од ТАВ оценуваат дека со оглед на резултатите од изминатата 2023 година во однос на патничкиот авиосообраќај, 3,15 милиони патници, и досега расположливите статистички податоци за почетокот на 2024 година, може да се заклучи дека скопскиот и охридскиот аеродром продолжуваат со позитивниот тренд на пораст на бројот на патници и број на реализирани летови.

Со зимскиот ред на летање 13 авиокомпании оперираа од Меѓународниот Аеродром Скопје до 42 дестинации, а од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, три авиокомпании сообраќаа до четири дестинации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот