Северна Македонија и Косово потпишаа Договор за заемна правна помош во граѓански предмети

Бојан Маричиќ / Фото: Архива на „Слободен печат“
Министерот за правда Бојан Маричиќ заедно со неговата косовска колешка Албулена Хаџиу денеска во Приштина потпишаа Договор за заемна правна помош во граѓанските предмети меѓу Северна Македонија и Косово, со кој значително ќе се олесни правниот сообраќај меѓу двете земји, соопшти Министерството за правда.

– Нашите две земји ги поврзува добра економска и политичка соработка. Сепак, најдобар мост меѓу двете земји се луѓето кои се многу поврзани и секојдневно комуницираат. Наша задача како политичари е да направиме сè што можеме да го олесниме нивниот живот. Денешната посета и потпишувањето на Договорот за заемна правна помош во граѓанските предмети, најдобро говорат дека водиме политики со кои го олеснуваме пристапот до правда и ги поедноставуваме судските процедури за граѓаните на двете земји, истакна Маричиќ.

Со Договорот за заемна правна помош во граѓанските предмети се воспоставува и дипломатскиот пат на комуникација, кој ќе овозможи побрза и поефикасна граѓанска постапка и ќе се дозволи директна комуникација меѓу надлежните органи на двете земји, со цел брз одговор од институциите без претходно да е задолжително процедурите да минуваат преку министерствата за правда.

Министерот Маричиќ, придружуван од заменик-министерот Агим Нухиу, претходно во Приштина остварија билатерална средба со косовска министерка за правда Хаџиу, на која се разговарало за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа правосудство и правдата, но и за реформите кои Северна Македонија и Косово ги спроведуваат со цел зацврстување на правната држава и владеењето на правото.
Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот